Лионел Меси

Лионел Меси вторпат во кариерата постигнува барем еден гол во шест последователни настапи за фудбалската репрезентација на Аргентина, откако еднаш ја затресе мрежата во победата на мечот со Мексико со 2-0, во второто коло од групата Ц на Светското првенство во Катар. Со победата, Аргентина остана во игра за пласман во осминафиналето, за што од таа група во трка се и другите репрезентации, Полска, Саудиска Арабија и Мексико.
Ваква серија од шест натпревари Меси имаше и во периодот од ноември 2011 до септември 2012 година, пишува „Скај спорт“, според статистиката на „Опта“.
Меси сега има вкупно осум постигнати гола за Аргентина на светските првенства, колку што има Диего Марадона, а на оваа листа води Габриел Батистута со 10. Од СП 1966, само Бразилецот Ривелино (пет гола) постигнал повеќе голови од Меси на СП со удари од надвор од шеснаесетникот (четири).
Андрес Гвардадо, пак, стана само шестиот фудбалер што настапил на пет светски првенства (во 2006, 2010, 2014, 2018 и во 2022 година) и третиот фудбалер на Мексико, по Рафаел Маркез и Антонио Карбахал, пишува „Скај спорт“.
Мечот Аргентина – Мексико се играше пред 88.966 гледачи во саботата, што е најголема посетеност на натпревар на светско првенство (СП) во претходните 28 години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Стадионот „Лусаил“, на кој ќе се игра финалето на СП 2022 на 18 декември, беше домаќин на најмногу гледачи на мундијалите од финалето на СП во 1994 година во САД, според ФИФА, пишува АП. Имаше 91.194 луѓе на „Роуз боул“ во Пасадена, за финалето во кое Бразил ја победи Италија на пенали, по ремито 0-0. Најмногубројната публика беше 173.850 на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро на СП во 1950 година за победата на Уругвај со 2-1 над домаќинот Бразил во последниот натпревар на тој турнир, пишува АП.