Во текот на кариерата Ноперт главно беше резерва, на возраст од 28 години има само 55 професионални настапи, а 34 се во претходните 18 месеци. Дебито за Холандија беше токму на СП 2022. „Пред неколку недели и тоа не го очекував… но се оствари“, вели Ноперт

Сѐ навестуваше дека ветеранот Ремко Пасвер (38) ќе биде прв голман на Холандија на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар, откако селекторот Луис ван Гал првпат го стави во тимот пред два месеца и тој бранеше во последните два натпревара на селекцијата на Холандија пред настапот на годинашниот Мундијал, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница. Сепак, Ван Гал, како што направи кога го замени Јеспер Силесен со Тим Крул за да ги брани пеналите во четврт-финалето на Светското првенство во 2014 година против Костарика, имаше „карта во ракавот“.
Неговата опсесија со голманите е целосна. Тој ангажира одбојкарски тренер за да ги тестира голманите за пенали пред СП 2022, но големата вест е нешто друго: Ван Гал во последен момент го стави на списокот Андрис Ноперт (28, член на Херенвен), кој е највисокиот фудбалер на СП 2022 (203 см), а го постави на голот во првите две кола, со Сенегал (2-0) и со Еквадор (1-1). Нему му дојде ред да дебитира за Холандија, и тоа на светско првенство, пишува „Марка“.
– Секако дека е ризик, но јас го ставив и Ван дер Сар кога имаше 19 години. Ако е до искуство, требаше да го доведам Силесен – рече Ван Гал, алудирајќи на недостигот од мечеви за репрезентацијата на Бијлоу (шест меча), Пасвер (два) и Ноперт (два), кој не прими гол на своето деби за Холандија, пишува „Марка“.
Ноперт го опиша дебито како посебно.
– Да се дебитира на светско првенство е посебно. Мислам дека има само еден тренер што може да направи такво нешто, а тоа е Ван Гал. Во Холандија сите се жалат дека немаме квалитетни голмани, но само треба да се биде храбар и да им се даде можност на младите – изјави Ноперт по дебито, кое го смести како голман што направи најмногу одбрани (четири) во првите мечеви на СП 2022.
Тоа беше незамисливо деби пред само неколку месеци, поточно во април годинава.
– Повикан? За репрезентацијата на Фрисланд (провинција во Холандија – н.з.) – голманот на Херенвен низ смеа изјави на прашањето за можноста да игра за Холандија.

Гледано во ретроспектива, тој имаше причина да се смее. Ноперт не е млад и, во текот на неговата кариера, тој главно беше резерва, на возраст од 28 години има само 55 професионални настапи…, а 34 се во претходните 18 месеци, пишува „Марка“.
Ноперт е роден и израснат во Херенвен, ја почна својата фудбалска кариера со својата локална екипа, но не успеа да заигра за неа пред да замине во 2014 година, пишува „Гол.ком“ на својата интернет-страница. Тој потоа почна кариера како резервен голман во холандската фудбалска пирамида, со само шест настапи во лигата за четири години за НАЦ Бреда од 2014 до 2018 година. Незадоволен од својата улога на втор голман, тој се упати во италијанската Серија Б, во Фоџа, за сезоната 2018/2019, кога тимот испадна. Следуваше враќање во Холандија, каде што Ноперт му се приклучи на второлигашот Дордрехт и се спротивстави на повиците од неговото семејство и неговата сопруга да се откаже од кариерата како фудбалер и да почне кариера како полицаец, пишува „Гол.ком“. Тој беше ослободен од второлигашот по само една година и остана без клуб. Поради итната потреба од голман во новопромовираната екипа во Ередивизија, Го ахед иглс му ја даде неговата шанса во јануари лани. По бавниот почеток, тој ја доби својата шанса меѓу стативите и му помогна на клубот да го задржи прволигашкиот статус, а неговата форма за време на неговиот престој во една сезона му донесе враќање во Херенвен, пишува „Гол.ком“.
Двапати остана без тим и во двата наврати беше на работ да замине во фудбалска пензија. Прво во 2019 година, по испаѓањето со Фоџа, а вториот се случи помеѓу јули 2020 година и јануари 2021 година.
– Во летото 2020 година имав сериозна повреда. Ситуацијата не ветуваше многу. Само реков: Ќе се борам докрај. Мило ми е што се слушав себеси – вели Ноперт, кој покажа голема издржливост. – Ако паднам 10 пати, морам да станам 11 пати. Вредеше – вели тој во интервју за „Троу“, пренесува „Марка“.
И тоа многу. Тој е стартер на СП 2022.
– Пред неколку недели и тоа не го очекував… но се оствари – вели Ноперт.