Фото: Архива

Селото Локгол има население од 282 луѓе, а клубот од тоа место сезонава се натпреварува во Премиер-лигата на Северна Ирска, пишува ФИФА. Нивните достигнувања не останаа незабележани. „Би-би-си“ ја долови суштината на клубот во нивната програма „Фудбалски фокус“, а угледниот германски филмаџија Макс Нидлингер, исто така, ја прикажа нивната приказна. „Ние сме само малиот Локгол, но имаме огромна историја. Долгорочната цел е Европа“, вели претседателот на клубот, Џон Николсон

ФИФА

Кога станува збор за успешните фудбалски приказни на Давид против Голијат, Локгол, клуб во округот Армаг во Северна Ирска, може да се пофали со сопствената приказна за победа наспроти претпоставките. Локгол има население од само 282 жители, 38 помалку од Стрејмнес, домот на клубот од Премиер-лигата на Фарските Острови, Стрејмур, што му дава уникатно признание дека е најмалата населба во Европа со фудбалски клуб во врвна домашна лига, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Настапот сезонава за нив можеби нема да биде без падови, но раните впечатоци би биле дека им претстои т.н. ролеркостер, откако по голема возбуда ја победија непобедената екипа на Ларн со гол во 90-та минута, постигнат од Бенџи Меги. Тоа е резултат што во Локгол го опишуваат како еден од најдобрите во историјата на клубот.
Нивните достигнувања не останаа незабележани. „Би-би-си“ ја долови суштината на клубот во нивната програма „Фудбалски фокус“, а угледниот германски филмаџија Макс Нидлингер, исто така, ја прикажа нивната приказна. Делото на Нидлингер за Локгол, емитувано на „ЗДФ спорт“, му донесе на малиот клуб неколку нови обожаватели во Германија, пишува ФИФА.
– Го користиме максимумот од тоа и ќе видиме колку долго ќе трае. Имавме интерес од Бразил, Италија и од Германија и, се разбира, го имавме „Би-би-си“, кој снимаше. Ние сме само малиот Локгол, но имаме огромна историја. Јас сум само среќен за клубот и за сите луѓе во него, кои напорно работат за да го направат тоа што е. Горди сме што сме голем дел од заедницата тука. Немаше да бидеме таму каде што сме без работата на толку многу луѓе. Тропавме на вратата од врвната лига, а потоа во минатата сезона навистина го направивме исчекорот.

Имаше многу публика и голем ангажман сезонава. Не знам дали сме инспирација за другите клубови, но знам дека многу луѓе работеа неверојатно напорно за да нѐ доведат таму каде што сме. Сега постои уште едно ниво на бирократија што беше предизвик за нас и многу луѓе што се во заднината на овој клуб заслужуваат да бидат прославени за нивниот удел што нѐ доведоа до оваа позиција – рече претседателот на клубот, Џон Николсон.
Тој не се задоволува да седи на венци од лаври.
– Долгорочната цел е Европа. Сезонава сакаме да опстанеме. Се најдовме тука и сакаме да останеме тука и да бидеме постојан клуб и од таму да градиме. Мислам дека сите уживаат во фудбалот и заедницата ужива да има тим што се натпреварува против најдобрите во земјата. Сакаме да бидеме сигурни дека ќе продолжиме така, но не е лесно. Затоа сум толку среќен што клубот добива малку внимание, затоа што ја осветлува напорната работа што ја вложиле сите, повеќето на доброволна основа – вели тој. Н.М.