Фото: ЕПА

Швајцарија ќе се кандидира за Игрите во 2030 или во 2034 година и најави дека за ЗОИ ќе ги користи постојните капацитети распространети низ целата земја

Швајцарија ќе се кандидира за ЗОИ, најави дека ќе организира „децентрализирани“ игри

Швајцарија во петокот објави дека ќе се кандидира или за Зимските олимписки и параолимписки игри во 2030 или во 2034 година, што би било третпат алпската земја да биде домаќин на настанот, пишува агенцијата „Ројтерс“. Швајцарија најави дека ќе организира „децентрализирани“ игри користејќи ги постојните капацитети распространети низ целата земја.
Во соопштението на швајцарската олимписка асоцијација се вели дека федерациите членки на Олимпискиот комитет на земјата гласале едногласно за поддршка на плановите да бидат домаќини на Зимските игри во 2030 или во 2034 година на нивното генерално собрание. Во соопштението се вели дека гласањето ја потврдило заедничката амбиција да се оди во следната фаза од процесот на наддавање со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), наречена фаза на „целен дијалог“. ИОК треба да одлучи кои земји ќе продолжат во следната фаза од процесот до крајот на месецот.
Други што се тркаат за организација на Игрите во 2030 година се Солт Лејк Сити во САД, домаќин на Игрите во 2002 година, како и Шведска и Франција, а јапонскиот град Сапоро минатиот месец се откажа од својата кандидатура за Зимските олимписки игри во 2030 година и рече дека ќе размисли за домаќинство на Игрите во 2034 година или во следните години, пишува „Ројтерс“.
– Швајцарија има среќа што веќе практично ја има целата потребна инфраструктура, почнувајќи од спортски места до нејзината транспортна мрежа и сместување. Да ја искористиме оваа можност – рече минатиот месец Урс Леман, претседател на Швајцарската скијачка асоцијација.
ИОК минатиот месец го одобри предлогот да се продолжи со двојна распределба на две последователни Зимски игри во 2030 и 2034 година поради загриженоста од заканата од климатските промени на снежните спортови. Се очекува изборот да се направи в година. Според студиите на комисија на ИОК за идни домаќини на зимските игри, само 10 земји ќе можат да бидат домаќини на снежните спортови на Зимските олимписки и параолимписките игри до 2040 година, пишува „Ројтерс“. Н.М.