Фото: ЕПА

Најголемата вонсезонска приказна би можела да биде насочена околу движењата на многу супертренери во невообичаено турбулентен период на врвот на европскиот фудбал, пишува АП

Прво, Јирген Клоп објави дека заминува од англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, потоа Чави Ернандез изјави дека има намера да ја напушти својата сакана Барселона од Шпанија, а неделава германски Баерн и Томас Тухел соопштија дека ќе се разделат.
Тоа се три од иконите европски фудбалски клубови што имаат потреба од нов тренер за идната сезона, а тоа се и тројца фудбалски стратези од висок профил што наскоро ќе се приклучат на постојано растечката листа на признаени трофејни фудбалски тренери без ангажман, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Заборавете на претстојниот летен преоден рок, кога Килијан Мбапе можеби ќе се пресели во Реал Мадрид, а Манчестер јунајтед можеби ќе иницира ремонт на тимот под своето ново фудбалско раководство, најголемата вонсезонска приказна би можела да биде насочена околу движењата на многу супертренери во невообичаено турбулентен период на врвот на европскиот фудбал, пишува АП.
Конкуренцијата за најголемите тренерски работи во европскиот фудбал ретко била толку голема. Нема само Клоп, Чави и Тухел да останат без тренерски ангажман.

Во изминатиот месец, Жозе Мурињо замина од Рома, која го ангажира Даниеле де Роси за привремен тренер, на шестмесечен договор, Зинедин Зидан ја чека вистинската работа, речиси три години по завршувањето на неговата втора сезона во Реал Мадрид, Антонио Конте, освојувач на шампионската титула во Англија и неговата родна Италија, планира да се врати летово по повеќе од една година отсуство, поранешниот тренер на Баерн, Ханси Флик, е без ангажман откако замина од репрезентацијата на Германија, Јулијан Нагелсман, замената на Флик во националниот тим, има договор до годинашното Европско првенство…, пишува АП.
Во меѓувреме, работите уште повеќе ги зачинуваат растечкиот статус и угледот на Чаби Алонсо, кој нашироко се смета за следната голема работа во тренерскиот свет. Баер Леверкузен на Алонсо е откровение сезонава и води во Бундеслигата пред Баерн, кој освои 11 титули во низа во Германија, што го направи баран тренер.
Клоп, највозрасниот од триото, на 56-годишна возраст, вели дека нема да се врати во фудбалскиот менаџмент најмалку една година. Тоа би било истото времетраење на одморот на Гвардиола по заминувањето од Барселона во 2012 година.
– Понекогаш чувствувате дека треба да дишете. Треба да се одморите, да направите чекор назад – рече Гвардиола. Н.М.