Убава вест, пресреќна сум што ќе бидам дел од шампионатот, во друштво со најдобрите женски судии од Европа, изјави Пројковска

ФУДБАЛ – НА ЕП ЗА ЖЕНИ ЛЕТОВО ВО АНГЛИЈА

Македонката Ивана Пројковска ќе биде дел од судискиот тим на Европското првенство (ЕП) за жени што летово ќе се одржи во Англија, од 6 до 31 јули. Таа ќе биде во улога на четврта судијка, како помош на главната судиска тројка, соопшти Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
– Убава вест, пресреќна сум што ќе бидам дел од шампионатот, во друштво со најдобрите женски судии од Европа. Јас вака некако и ја почнав интернационалната кариера, како четврта судијка, на ЕП до 19 години што се одржа во Македонија во 2010 година. Неодамна како најмлада стигнав и до елитната група судии на УЕФА, така што ова е уште едно признание и мотив за мене за натамошно напредување – вели Пројковска, додавајќи дека пред ЕП ќе следуваат судиски семинари и обуки.
Пројкоска неодамна судеше на мечот Норвешка – Полска, во квалификациската група Ф за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2023 година, чии домаќини се Австралија и Нов Зеланд. Претходно таа ја делеше правдата и на мечот од четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки. Зимава во два наврата таа беше на семинар во Турција во врска со протоколите за користењето и за функционирањето на системот видеопомошник-судија (ВАР).
УЕФА избра 13 главни судијки за ЕП 2022 година, плус 25 помошнички, како и 13 видеоасистентки (ВАР).