Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Репрезентациите ќе бидат поделени во 12 групи (досега беа во 10), победниците ќе се пласираат на ЕП 2028, а второпласираните ќе се квалификуваат директно или ќе учествуваат во плејофот со репрезентации од Лигата на нациите. Се најавува дека од петте домаќини на ЕП 2028 само два ќе имаат директен пласман

Следното фудбалско Европско првенство (ЕП), тоа во 2028 година, ќе има пет домаќини, откако е предвидено да се игра во Англија, Северна Ирска, Република Ирска, Шкотска и во Велс. Како и обично, целосните пропозиции за натпреварување ќе бидат потврдени околу две години пред Европското првенство во 2028 година, а планираниот формат останува ист како тој што се користи од ЕП 2016, со 24 репрезентации во групната фаза, шест групи, по што првите две селекции од секоја група и четирите најдобри меѓу третопласираните ќе играат во осминафиналето, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).

Ќе има нов формат за квалификациите, откако репрезентациите ќе бидат поделени во 12 групи, по што победниците на групите ќе се пласираат на ЕП 2028, второпласираните ќе се квалификуваат директно или ќе учествуваат во плејоф-натпреварите со репрезентации од Лигата на нациите, а плејофот би се играл во март 2028 година, пишува УЕФА. Во квалификациите за ЕП 2020 и за ЕП 2024 имаше по 10 групи, првите две селекции се пласираа на континенталното првенство, а преостанатите места беа пополнувани со плејоф-дуели во Лигата на нациите. Според некои најави, само две репрезентации од домаќините ќе имаат обезбеден директен пласман на ЕП 2028.

ЕП 2028 ќе биде третпат во Англија да се играат натпревари на европски шампионат, по 1996 година (цело првенство) и 2021 година (една група, две осминафиналиња, полуфиналиња и финале), а вторпат во Шкотска, по 2021 година (групна фаза). Во минатото по две земји домаќини на европски шампионат имаше трипати, во 2000 година (Белгија и Холандија), 2008 (Австрија и Швајцарија) и во 2012 година (Украина и Полска), а во 2021 година се играше во 11 земји.

Континенталното првенство во 2028 година треба да се игра на 10 стадиони, меѓу кои „Вембли“ во Лондон, „Хемпден парк“ во Глазгов, „Даблин арена“ во Даблин и „Националниот стадион“ на Велс во Кардиф, а околу три милиони билети ќе бидат достапни за гледачите, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.