Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Фудбалери на кои летово им завршува договорот се и, на пример, Бензема, Меси и Модриќ, кои „златната топка“ на „Франс фудбал“ ја освојуваа од 2018 до 2022 година. Според информациите, меѓу фудбалерите на кои, исто така, им истекува договорот летово, се и, на пример, Де Геа, Фирмино, Кеита, Канте, Бускетс, Асенсио, Крос, Ди Марија, Рамос…

Интернационалниот летен преоден рок за годинава треба да почне на 1 јули (во Англија, пак, ќе почне на 14 јуни), а на многу врвни фудбалери токму летово им истекува договорот со нивните клубови, особено во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија).

Меѓу нив се и освојувачите на наградата „златна топка“ за најдобар фудбалер на годината во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал“ во претходните неколку години (наградата не беше доделена во 2020 година во време на пандемијата на коронавирусот), како Карим Бензема од Франција (член на Реал Мадрид, наградата ја доби во 2022 година), Лионел Меси од Аргентина (ПСЖ, трофејот на „Франс фудбал“ го освои во 2019 и 2021 година, но и уште пет пати претходно) и Лука Модриќ од Хрватска (Реал Мадрид, 2018 година).

Според информациите, меѓу фудбалерите на кои, исто така, им истекува договорот летово, се и, на пример, Давид де Геа (Манчестер јунајтед) Роберто Фирмино (Ливерпул), Наби Кеита (Ливерпул), Н’Голо Канте (Челси), Серхио Бускетс (Барселона), Марко Асенсио (Реал Мадрид), Тони Крос (Реал Мадрид), Анхел ди Марија (Јувентус), Серхио Рамос (ПСЖ)… Во европските медиуми, пак, се шпекулира и за многу други потенцијални трансфери на фудбалери на кои летово не им истекуваат договорите.

Летниот преоден рок годинава трае до 1 септември. Во минатата година беше поставен рекорд во англиската Премиер-лига со вложени околу 1,9 милијарда фунти за трансфери на фудбалери, надминувајќи го претходниот рекорд од околу 1,4 милијарда фунти поставен во 2017 година, а вкупно во најсилните пет првенства во Европа биле вложени околу 3,8 милијарди фунти, пишува „Би-би-си“.