Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Центарфорот на Манчестер сити, кој играше само во првите 45 минути, постигна два гола, вкупно 28 на само 22 натпревари во ЛШ, со што го собори рекордот на Руд ван Нистелрој за најмногу голови на првите 30 настапи во ова натпреварување. По три кола во ЛШ сезонава, со максимален број бодови се Наполи, Бриж, Баерн, Реал Мадрид и Манчестер сити

Манчестер сити и Реал Мадрид забележаа нови, трети победи во третата рунда од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, над Копенхаген (5-0), односно над Шахтар (2-1) и речиси обезбедија пласман во осминафиналето по мечевите во средата. Претходно, по три кола, по три победи забележаа и Наполи, Бриж и Баерн.

Манчестер сити е непоразен на претходните 21 натпревар во ЛШ на домашен терен (19 победи и две ремија), по поразот од Лион (1-2) на првиот натпревар во сезоната 2018/2019. Сити постигнува еден гол и повеќе на 35 натпревари во низа дома во групната фаза. Ерлинг Холанд, кој играше само во првите 45 минути, постигна два гола, вкупно 28 на само 22 натпревари во ЛШ (досега 19 гола на 12-те меча за Сити), со што го собори рекордот на Руд ван Нистелрој за најмногу голови на првите 30 настапи во ова натпреварување. Холанд се израмни со Рајан Гигс, кој има 28 гола во ЛШ. Досега само 27 играчи постигнале повеќе голови во ЛШ.
– Ние едноставно очекуваме тој да постигне гол. Тоа по малку е смешно. Тој е неверојатен играч и ние сме многу среќни што го имаме во клубот. Прекрасно е да се има таков соиграч – вели за Холанд, Џек Грилиш, играчот од средниот ред на Сити.

Во слична форма се и фудбалерите на актуелниот шампион Реал Мадрид, кои ја погодија противничката мрежа на 41 од претходните 42 натпревари на домашен терен во групната фаза во ЛШ. „Кралевите“ првпат од сезоната 2014/2015 ги добиваат првите три натпревари во групата.

Од мечевите од третата рунда за издвојување е и тоа дека Лионел Меси на мечот ПСЖ – Бенфика (1-1) постигна гол и против 40-та екипа во ЛШ, повеќе од кој било друг играч. Л.Д.


Белингам стана најмладиот капитен стрелец на меч во ЛШ

Борусија Дортмунд ја победи Севилја на гости со 4-1 во третото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по што му беше врачен отказ на тренерот на шпанскиот тим, Хулен Лопотеги. Еден гол за победничкиот тим постигна 19-годишниот Џуд Белингам, кој стана најмладиот стрелец со капитенската лента на натпревар од ЛШ. На возраст од 19 години и 98 дена, Белингам стана третиот најмлад капитен на тим во ЛШ, зад Рубен Невес (18 години, 221 ден) на Порто и Матијас де Лихт (19 години, 51 ден) на Ајакс во 2018 година. Л.Д.