ФУДБАЛ
На Игрите во Париз ќе настапат, меѓу другите, Лаказет, Кеита, Алварез, Отаменди, Хакими…, а меѓу селекторите се и Анри и Маскерано, кој, пак, се стреми да стане првиот што победил на олимписки турнир како фудбалер и како селектор
Фудбалскиот турнир за мажи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз се одржува од 24 јули до 9 август и ќе има ѕвезди на теренот, но и на селекторските клупи. Вкупно 16 најдобри младински селекции од светот ќе играат за медалите. Машките олимписки тимови мора да се состојат од играчи помлади од 23 години, но дозволени се три повозрасни играчи како дел од тимовите со по 18 фудбалери.
Актуелниот олимписки шампион Бразил не се пласира на ЛОИ во Париз, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Репрезентациите се поделени во четири групи, во групата А се Франција, САД, Гвинеја и Нов Зеланд, во групата Б ќе играат Аргентина, Мароко, Ирак и Украина, во групата Ц ќе настапат Узбекистан, Шпанија, Египет и Доминиканска Република и во групата Д ќе се натпреваруваат Јапонија, Парагвај, Мали и Израел.
Домаќинот Франција ќе биде предводен од капитенот Александре Лаказет, поранешниот член на Арсенал што сега се врати во детскиот клуб Лион. Наби Кеита, освојувачот на Лигата на шампионите со Ливерпул во 2019 година, исто така, ќе биде капитен на својата репрезентација, Гвинеја. Аргентина може да смета на четворица играчи што го освоија Светското првенство во 2022 година: Хулијан Алварез, Николас Отаменди, Џеронимо Рули и Тиаго Алмада. Квартетот ќе се обиде да испише историја како први фудбалери што го освоиле Светското првенство, а потоа и олимпиското злато, по тој редослед, уникатен подвиг во фудбалот, пишува ИОК.
Двајцата нови европски шампиони Фермин Лопез и Алекс Баена се стремат кон поголема слава со Шпанија и се обидуваат да го надминат сребрениот медал на Шпанија на ЛОИ 2020 во Токио (одржани во 2021 година). Ашраф Хакими ќе го води Мароко, а финалето е на домашниот стадион на ѕвездата на ПСЖ, „Паркот на принцовите“. Заедно со Лопез и со Баена, на ЛОИ 2024 игра и Украинецот Максим Таловеров, кој настапи на Европското првенство годинава, пишува ИОК.
Има и многу големи имиња што ќе ги водат своите репрезентации. Со Франција раководи легендата на францускиот фудбал и носител на олимписки факел Тиери Анри, а селектор на двократниот олимписки шампион Аргентина е Хавиер Маскерано, кој се стреми да стане првиот што победил на олимписки фудбалски турнир за мажи како играч и како селектор, пишува ИОК. Маскерано освои два златни медали со Аргентина, на ЛОИ во Атина во 2004 година и на ЛОИ во Пекинг во 2008 година.
Фудбалските натпревари за мажи ќе се играат во Париз, Марсеј, Лион, Бордо, Сент Етјен, Ница и во Нант. Н.М.