Фудбалерите на Реал Мадрид и на Манчестер сити одиграа нерешено (1-1) во Мадрид, во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, па конечниот
патник во финалето ќе биде познат по реваншот во Манчестер

ФУДБАЛ – ПОЛУФИНАЛЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Фудбалерите на шпански Реал Мадрид и на англиски Манчестер сити одиграа нерешено (1-1) во Мадрид, во првиот мошне интересен и борбен натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) на преполниот стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Актуелниот шампион на Европа поведе со голот на Винисиус Жуниор во 36-та минута, а Кевин де Брујне во второто полувреме, во 67-та минута, успеа да израмни и да го постави конечниот резултат на овој меч, така што на реваншот идната среда во Манчестер, ни една екипа нема да има предност пред почетниот удар.
Тренерот на Манчестер сити, Шпанецот Пеп Гвардиола, изјави дека првиот натпревар против Реал бил израмнет и оцени дека реваншот ќе биде како да се игра финалето во ЛШ.
– Неизвесен натпревар. Кога ние бевме подобри, тие постигнаа гол. Кога тие беа подобри пак, ние дадовме гол. На „Сантијаго Бернабеу“ на овој полуфинален меч, понекогаш имавме убави моменти, а некогаш беше тешко да се игра со квалитетот што го има противникот. Финалето е следната среда дома со нашите навивачи – изјави Гвардиола за британски „Скај“.
Гвардиола додаде дека неговиот тим одлично влегол во вториот дел сакајќи да го израмни резултатот.
– Реал играше со многу додавања по левата страна и беше навистина добар, но потоа постигнавме фантастичен гол преку Кевин де Брујне и имавме неколку добри моменти, а на крајот и тие имаа неколку добри шанси. Реал е клуб со многу искуство и квалитет. Одиме во Манчестер и ќе видиме што можеме да направиме подобро – истакна Гвардиола.
Фудбалерот на Реал Мадрид, хрватскиот интернационалец Лука Модриќ, изјави дека неговиот тим одиграл добар натпревар и дека уште пред почетокот знаел дека реваншот ќе го реши финалистот во ова натпреварување.
– Одигравме добар натпревар, знаевме дека ќе ја имаме топката во наш посед, но не создадовме многу шанси. Имавме повеќе шанси и штета што не го постигнавме тој втор гол. Мислам дека заслужуваме повеќе. Но, добро, 1-1 е отворен резултат, па во реваншот ќе одиме полни со желба, верба во себе и гол за победа – изјави Модриќ, 37-годишниот фудбалер кому ова му беше 46-ти натпревар сезонава, пренесе „Хина“. Г.И.