Фото: ЕПА

Пласманот на Баерн и на Борусија во полуфиналето на ЛШ значи дека трката за влез во европските купови во Германија е сложена, постојано се менува, може да ги остави тимовите да се потпираат на нивните ривали, а некои можеби нема да знаат каде ќе играат до две недели по завршувањето на сезоната

ФУДБАЛ

Колку екипи ќе се пласираат во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) од Бундеслигата? Дефинитивно четири, веројатно пет, можеби шест, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Пласманот на Баерн и на Борусија Дортмунд во полуфиналето на ЛШ значи дека трката за влез во европските купови во Германија е сложена, постојано се менува и може да ги остави тимовите да се потпираат на нивните ривали за да успеат.
Во игра се, на пример, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Ајнтрахт, Фрајбург… Можеби нема да знаат во кое натпреварување ќе играат до две недели по завршувањето на сезоната во Бундеслигата, на 18 мај, пишува АП. Има и некои потенцијално чудни исходи. Моментално седмиот пред мечот со Ајнтрахт вчера, Аугсбург, би можел да се пласира во ЛШ, во Лига Европа, во Конференциската лига или воопшто да не игра во Европа, а второлигашот Кајзерслаутерн во следната сезона би можел да игра во Лига Европа од Третата лига, пишува АП.
Главната причина за неизвесноста е обновената ЛШ, која се прошири од 32 на 36 екипи за следната сезона. Две од тие дополнителни места ќе им припаднат на петтопласираните тимови од лигите чии екипи ќе имаат најдобри резултати во европските натпреварувања сезонава. Тие места во моментов ги имаат Италија и Германија, чија предност во однос на третопласираната Англија беше зголемена, кога Баерн го победи Арсенал во четврт-финалето на ЛШ во средата.
Ако Ајнтрахт не славел на дуелот со Аугсбург вчера, тогаш првите пет по колото викендов се Баер, Баерн, Штутгарт, Лајпциг и Борусија Д. Тимот од Дортмунд, кој е домаќин на Баерн утре, може да ја освои ЛШ и, сепак, да заврши на петтото место. Во тој случај Борусија би се пласирала во ЛШ со местото резервирано за бранителот на титулата, а од Германија во ЛШ би се пласирал и тимот на шестото место, пишува АП. Тимовите што се тркаат за шестото место во Бундеслигата можеби не знаат со сигурност за што се квалификувале сѐ до финалето на ЛШ на стадионот „Вембли“ на 1 јуни, две недели по завршувањето на Бундеслигата. Ајнтрахт е на шестото место, но мора да им се спротивстави на Аугсбург, Фрајбург, Хофенхајм, Хајденхајм…
Сликата за Лига Европа е уште поконфузна. Највисокопласираниот тим што нема да се пласира во Лигата на шампионите ќе се пласира за Лига Европа, но можеби нема да го знае тоа до јуни. Баер оди на домашна двојна круна, со финалето на германскиот куп против второлигашот Кајзерслаутерн на 25 мај. Ако Баер го освои тој трофеј, уште едно место во Лига Европа ќе оди на следниот највисокопласиран тим во Бундеслигата, но ако Кајзерслаутерн го освои Купот, тогаш тој тим ќе се квалификува, без разлика што Кајзерслаутерн моментално игра за опстанок во Втората лига, пишува АП. Конференциската лига, пак, зависи од сето горенаведено. Н.М.