Решивме да одиме чекор подалеку во казнувањето, па дури може и да им одземеме бодови на клубовите во нашите натпреварувања, вели претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил, Едналд Родригез
Фудбалскиот сојуз на Бразил (ЦБФ) ги промени правилата што ќе се применуваат во Купот на Бразил, чие прво коло почнува во вторник, со што ќе стане прв фудбалски сојуз што ќе ги казнува расно мотивираните инциденти со одземање бодови. Борбата против расизмот е приоритет за претседателот на ЦБФ, Едналд Родригез (68), кој минатиот март стана првиот со темен тен на кожата на таа позиција, во повеќе од 100 години стариот фудбалски сојуз, пишува британски „Скај“.
Бразилскиот играч што настапува во Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, во последната година беше цел на расистички навреди од противничките навивачи. Покрај навредливите скандирања на повеќето натпревари, навивачите на Атлетико Мадрид закачија кукла на мост со ликот на 22-годишниот фудбалер пред градското дерби минатиот месец.
– Борбата против расизмот е итна. За мерките се разговарало со векови и никогаш не се спроведувале. Решивме да одиме чекор подалеку во казнувањето, па дури може и да им одземеме бодови на клубовите во нашите натпреварувања. Расната дискриминација е кривично дело и наша работа е да го расветлиме тоа прашање – рече Родригез.
Тој изрази надеж дека оваа одлука ќе биде поддржана од навивачите, клубовите, општеството и медиумите, за промената да не остане само „козметичка“.
– Покрај спортските казни, секој чин на расизам или дискриминација ќе биде вклучен во извештајот од натпреварот, кој, пак, ќе биде испратен до јавното обвинителство и до полицијата, за процесот да не заврши само во сферата на спортот, туку прекршителите да бидат казнети според законот – рече Родригез. Г.И.