ФУДБАЛ
Светското првенство (СП) во 2026 година е во Северна Америка, а Светската фудбалска федерација (ФИФА) има цел да создаде совршени терени за секое место, за што соработува со експерти за трева од Универзитетот во Тенеси и Државниот универзитет во Мичиген за истражување и развој на најдобрите површини за СП, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Една од најлесните одлуки што ги донесов околу овој турнир досега беше партнерството на универзитетите УТ и МСУ. Тие веќе имаа водечка светска репутација и веќе се предводени од водечки светски професори за трева – рече Алан Фергусон, директор за инфраструктура и технички услуги на СП 2026, пренесе АП.
Кога СП 2026 ќе почне, со 48 селекции што ќе играат 104 меча во САД, Мексико и во Канада, никој не сака теренот да биде тема на разговор.
– ФИФА има големи очекувања и барања и не можеме да имаме никакви неуспеси. Затоа тие поддржуваат толку многу истражувања и подготовки – изјави неодамна во телефонско интервју Џон Сорочан, професор по наука и менаџмент на трева во Тенеси.
Климатските промени може да бидат дополнителна променлива, особено со мечевите што ќе се протегаат од Мексико до Канада, а експертите за трева размислуваат за неколку варијанти на површини за да го решат тоа.
– Иако не се одгледуваат нови видови треви за конкретно да се справат со предизвиците на Светското првенство, напорите за одгледување трева во изминатите 20 години создадоа нови сорти трева што ја подобрија отпорноста на топлина, суша, болести и толеранцијата на абење – рече Сорочан. Н.М.