Фото: ЕПА

Индија е лулка на шахот и соодветно е оваа штафета да започне таму, од каде што започна сѐ. Почестени сме што овој важен прв чекор е направен во Индија, која го претставува не само минатото на шахот туку и неговата иднина, рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович

ПО ПОВОД 100 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

По повод 100-годишнината од своето основање, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) денеска треба да го промовира шаховскиот факел, глобално движење, чија цел е да ја прослави богатата историја на оваа игра и да ја зближи целата шаховска заедница.
Како дел од прославата на ФИДЕ 100, штафетата на факелот ќе започне денеска, во Њу Делхи, Индија, на националниот стадион „Мајор Дијан“. Церемонијата ќе опфати турнир за деца, перформанс во кој ќе се слави богатата историја на Индија и говори. Клучниот момент на церемонијата ќе биде палењето на факелот, со кој ќе раководи индискиот министер за спорт Анураг Синг Такур.
Шаховскиот факел ФИДЕ првпат беше претставен на Шаховската олимпијада (ШО) во Ченаи во 2022 година, симболизирајќи го трајниот дух на играта. Факелот ќе тргне на патување од Индија до главниот град на Унгарија, Будимпешта, каде што во септември годинава ќе се одржи 45-та ШО. На патувањето низ целиот свет, факелот ќе помине низ неколку континенти, служејќи како светилник на инспирација за шаховските ентузијасти насекаде. По неговиот пат ќе се развијат низа настани и прослави посветени на шахот, кои ќе го покажат културното значење на играта и ќе го поттикнат чувството за заедница меѓу луѓето. Од велемајсторски турнири, уметнички изложби до настани во заедницата, секоја станица на патувањето на факелот ќе придонесе за славење на глобалното наследство на играта и на ФИДЕ, нагласувајќи ја инклузивната и обединувачка природа на спортот.
– Индија е лулка на шахот и соодветно е оваа штафета да започне таму, од каде што започна сѐ. Почестени сме што овој важен прв чекор е направен во Индија, која го претставува не само минатото на шахот туку и неговата иднина. Ги поканувам сите шаховски ентузијасти да ни се придружат во прославувањето на првиот век од основањето на ФИДЕ во духот на нашето мото „Генс Уна Сумус“, Ние сме едно семејство – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Присутен на церемонијата ќе биде индискиот велемајстор Вишванатан Ананд, петкратен светски шампион во шах и заменик-претседател на ФИДЕ, како и унгарската шахистка Јудит Полгар, најсилната шахистка во историјата. Списокот на гости на церемонијата ги вклучува и Сујата Чатурведи, секретар на Министерството за спорт на Индија, Санџај Капур, претседател на АИЦФ, претседателот на ФИДЕ, Дворкович, и заменик-претседателот на Управниот одбор на ФИДЕ и претседател на Организацискиот комитет на ФИДЕ 100, Дана Реизније-Озола. Г.И.