УЕФА и КОНМЕБОЛ отворија заедничка канцеларија во Лондон, навреме за организација на натпревар (помеѓу шампионите на Европа, Италија, и на Јужна Америка, Аргентина), што покажува дека интерконтинентални натпреварувања можат да се организираат и без инволвираност на ФИФА, а формализацијата на врската УЕФА – КОНМЕБОЛ ги приближува континентите до можно организирање заедничко натпреварување, односно проширување на Лигата на нациите на Европа со селекции од Јужна Америка, пишува АП

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) во понеделникот отворија мала заедничка канцеларија во Лондон, со што беше намалена контролата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) врз светскиот фудбал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Сојузништвото на двете светски фудбалски конфедерации доаѓа во моментите кога претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е цел на критики поради предлогот за одржување светски првенства (СП) на две години наместо на четири. Главни против тој предлог беа претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, и неговиот колега од КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез.
Канцеларијата е создадена навреме за организација на натпревар што покажува дека интерконтинентални натпреварувања можат да се организираат и без инволвираност на ФИФА, пишува АП. Пред сѐ, станува збор за т.н. „Финалисима“, мечот помеѓу шампионите на Европа, Италија, и на Јужна Америка, Аргентина, кои ќе се сретнат на 1 јуни на стадионот „Вембли“ во Лондон. Во пригодните говори пред малобројните гости, Чеферин и Домингез се обидоа да нагласат дека ова не е финансиски мотивирана соработка и оти веруваат дека можат да се направат промени во фудбалот што ќе им користат и на земјите надвор од нивните континенти.
– Ова е историски ден за фудбалот, за светот. Нема алчност, нема себичност. Ова е за целиот свет, тука сме да работиме за доброто на спортот што го сакаме – рече Домингез.
Ваквите натпревари би требало да создадат уште поблиска врска помеѓу единствените два континента чии репрезентации досега победувале на СП.

– Мислам дека на Европа ѝ треба Јужна Америка и обратно. Кога ќе се сретнат тимови од две конфедерации победници на светско првенство, тоа е голема работа, тоа е одлично за фудбалот. Не сме себични. Ова е за развој на целиот фудбал. Подготвени сме да соработуваме со секого – изјави Чеферин.
УЕФА и КОНЕМБОЛ се закануваат со бојкот на СП доколку ФИФА продолжи со обидот да ја удвои фреквенцијата на одржување на турнирот.
– ФИФА не предложи светско првенство на две години, туку дојде до заклучок дека тоа е изводливо, но и оти ќе има одредени реперкусии и влијанија. Штом ќе се потврди ова, почнува следната фаза, а тоа е фаза за консултации, дискусии и за обиди да се дојде до договори и до компромиси – изјави Инфантино на Конгресот на ФИФА.
Тоа беше своевидно ретерирање во ставовите на Инфантино, кој со месеци беше критикуван од Чеферин и од Домингез поради можните штети врз континентални натпреварувања, врз женскиот фудбал, како и за преоптовареноста на играчите, пишува АП.
Формализацијата на врската УЕФА – КОНМЕБОЛ ги приближува континентите до можно организирање заедничко натпреварување, односно проширување на Лигата на нациите (ЛН) на Европа со селекции од Јужна Америка. Таквиот план би можел да ги опфати и другите конфедерации, како таа на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ), чиј претседател, Виктор Монталјани, е заинтересиран за глобална ЛН, во која би учествувале и репрезентации од тој регион. Но тој има некои забелешки на УЕФА.
– Ако фудбалската игра треба да биде глобална, не можете да имате ситуација да се побунат против суперлига во Европа, а од друга страна да е во ред да имате суперконфедерација. Што треба да правиме ние другите? Да продолжуваме да испраќаме играчи и капитал во Европа? Тоа не може да се случи – изјави Монталјани на маргините на состаноците на ФИФА и ждрепката за СП во Катар, минатата недела, пишува АП.