- Кога беше објавена инвестицијата на Холанд, тоа беше една од најзначајните препораки што шахот некогаш ги добил од глобална суперѕвезда, откако Холанд има повеќе од 50 милиони следбеници на неговите канали на социјалните медиуми, пишува „Чес“. Тотален шах е ново меѓународно натпреварување, кое има цел да круниса комбиниран светски првак во забрзан класичен шах, забрзан и во брз шах
Додека Ерлинг Браут Холанд ја предводи Норвешка во потрагата по слава на Светското првенство (СП) во фудбал, само пред три месеци суперѕвездата на Манчестер сити беше на насловните страници на многу поинаква сцена. Инвестицијата на Холанд во турнирот Норвешки шах испрати бранови низ светот на фудбалот и на шахот. Извршниот директор на Норвешки шах, Кјел Мадланд, за порталот „Чес“, изјави дека овој потег помогнал да се отвори патот за инвестиција од 10 милиони долари што привлече некои од најголемите спортски имиња и бизнис-лидери во Норвешка да го поддржат амбициозниот проект Тотален шах.
– Мојот впечаток е дека многу луѓе што играат шах низ целиот свет се горди. Се чувствуваше како самиот шах да ја доби инвестицијата – рече Мадланд во интервју за „Чес“ за време на дебито на турнирот Норвешки шах во Осло.
Најновата рунда финансирање собра извонредна колекција норвешки спортисти и бизнис-лидери. Во групата инвеститори е ѕвездата во нордиското скијање Јоханес Хесфлот Клаебо, најуспешниот зимски олимпиец во историјата, потоа поранешниот светски шампион во велосипедизам Тор Хусховд, бизнисменот и поранешен професионалец во одбојка на плажа Бјорн Масеиде, наследникот во бродарството Кнут Угланд, инвеститорот во недвижности Карл Ерик Крефтинг и многу други, пишува „Чес“.
Според норвешкиот весник „Дагенс Нерингслив“, процената на Норвешки шах е приближно 25 милиони долари и им даде на инвеститорите вкупно 28 проценти удел во компанијата. Тоа финансирање дојде само неколку недели откако Холанд и извршниот директор на „Ферд“, Мортен Борге, влегоа во компанијата преку нивната новоформирана компанија „Чес Матес капитал“, која стекна 25 проценти удел во Норвешки шах, пишува „Чес“.
Кога беше објавена инвестицијата на Холанд, тоа беше една од најзначајните препораки што шахот некогаш ги добил од глобална суперѕвезда, откако Холанд има повеќе од 50 милиони следбеници на неговите канали на социјалните медиуми.
– Фактот дека Ерлинг ни се придружува како инвеститор многу зборува за комерцијалниот потенцијал на оваа турнеја. Ерлинг има огромен глобален број следбеници. Изградивме солидна основа со значајни инвеститори, вешти луѓе и многу капитал – изјави Мадланд за „Чес“.
Извршниот директор на Норвешки шах објасни дека разговорите со Егил Остенстад од тимот Холанд, поранешна ѕвезда на Премиер-лигата, на крајот доведоа до презентации во кои беа вклучени Холанд и Борге, откако Норвешки шах го обезбеди договорот со Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за „Тотален шах“.
– Тој беше многу возбуден за тоа – рече Мадланд за Холанд.
Растечката врска помеѓу шахот и фудбалот беше видлива во текот на годинешниот турнир Норвешки шах во Осло. Меѓу посетителите беа поранешната ѕвезда на норвешката Премиер-лига Мортен Гамст Педерсен, Торе Педерсен, Ерик Торствед, таткото на Холанд, Алф-Инге Холанд, и Остенстад, легендарниот фудбалски агент Руне Хауге. Додека Норвешки шах останува водечки настан, инвестицијата е првенствено наменета за финансирање на СП во Тотален шах, новото меѓународно натпреварување што има цел да круниса комбиниран светски првак во забрзан класичен, забрзан и во брз шах. Од 2027 година турнејата ќе вклучува четири настани со минимален награден фонд од 2,7 милиони долари. Пилот-настанот е закажан за од 13 до 23 ноември, во Будимпешта (Унгарија), откри ФИДЕ. Целите се долгорочни, оти договорот потпишан со ФИДЕ е на 16 години, давајќи ѝ на компанијата невидена контрола врз пакетот големи шаховски настани и медиумски права.
Дали Тотален шах на крајот ќе успее ќе зависи од неговата способност да го претвори невидениот интерес за шахот во одржлив бизнис. Но, ако Мадланд е во право, најголемиот придонес на Холанд можеби не се парите што ги инвестираше, туку интересот што го инспирира да се инвестира заедно со него, пишува „Чес“. Г.И.

































