Родри, кој во 2023 година беше прогласен за играч на сезоната во ЛШ и за најдобар фудбалер на финалниот турнир на Лигата на нациите, е третиот Шпанец што ја освојува наградата за најдобар фудбалер на ЕП
Шпанскиот играч од средниот ред, Родри, е прогласен за најдобар фудбалер на Европското првенство (ЕП) што се одигра во Германија. Родри ги почна сите, освен еден од седумте натпревари на Шпанија на турнирот, формирајќи влијателно партнерство во средината на теренот со Фабијан Руиз, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Ова е веројатно најдобриот ден во мојата кариера. Ние сме европски шампиони. Станавме најуспешната европска репрезентација. Напишавме историја, победувајќи четири поранешни светски шампиони на патот кон трофејот. Ја поминавме најтешката ждрепка и тоа зборува за менталитетот на тимот – рече Родри.
На патот до четвртиот европски трофеј Шпанија победи четири некогашни светски прваци, и тоа претходниот европски шампион Италија во групната фаза, потоа домаќинот на ЕП 2024, Германија во четврт-финалето, актуелниот светски вицешампион Франција во полуфиналето, како и во финалето Англија, која беше финалист и на ЕП 2020.
Родри, кој во 2023 година беше прогласен за играч на сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ) по освоената титула со Манчестер сити и за најдобар фудбалер на финалниот турнир на Лигата на нациите, е третиот Шпанец што ја освојува наградата за најдобар фудбалер на ЕП, која се доделува од 1996 година. Претходни добитници на наградата за најдобар фудбалер на ЕП се Матијас Замер (Германија, ЕП 1996), Зинедин Зидан (Франција, ЕП 2000), Теодорос Загоракис (Грција, ЕП 2004), Чави Ернандез (Шпанија, ЕП 2008), Андрес Иниеста (Шпанија, ЕП 2012), Антоан Гризман (Франција, ЕП 2016) и Џанлуиџи Донарума (Италија, ЕП 2020). Н.М.