Унаи Емери од Астон вила споделува приказни за фрлање коцка за да го избере својот тим кога беше тренер на Алмерија и за купување книги за играчите во ВаленсијаФУДБАЛ

ФУДБАЛ

Има приказна од времето на Унаи Емери во Алмерија за која првичната претпоставка е дека не може да биде вистина, а тоа е за неговиот прв натпревар како фудбалски тренер на прволигашки тим, забавно патување на гости кај Ла Коруња во првото коло на шпанското првенство, пишува „Скај спорт“. Во пресрет на средбата, Емери, човек што оттогаш ја изгради својата репутација на прецизно планирање, му најави на својот тим дека ќе фрла коцка за да го одреди почетниот состав.
Мајсторот тактичар ѝ го препушти на случајноста составот на својот тим. Тоа беше во 2007 година и Емери доби пофалби што првпат ја однесе Алмерија во Ла лига, откако претходно импресионира во Лорка Депортива. Но неговата репутација беше далеку од втемелена. Зборувајќи со Емери на тренингот на Астон вила, 17 години и четири европски трофеи подоцна, прашањето е очигледно, дури и ако тој е малку изненаден што се појави темата, пишува „Скај спорт“.
– Тоа во тој момент беше само давање доверба на играчите. Кога решив да го направам тоа, тоа беше затоа што мислев дека сакам да им испратам порака дека верувам во сите и дека сум подготвен да играат сите. Сите треба да бидат удобни во структурата, да се чувствуваат важно и да го разберат начинот на игра. Мора да ја почувствуваат таа доверба. Мора да ја почувствуваат вербата на тренерот во нив. Тоа е фудбал. Тоа е менаџирање. Тоа е повеќе од тактика – изјави Емери во интервјуто за „Скај спорт“.
Дали функционираше тоа?
– Да, успеа. Победивме со 3-0 – вели тој.
Другото е историја. Алмерија беше едно место над Ла Коруња, на осмото место. Емери следното лето се пресели во Валенсија, почнувајќи ја блескавата тренерска кариера што му донесе титули и трофеи дома и во странство.
Тоа е откривачка анегдота, бидејќи покажува друга страна на она што го прави Емери толку одличен во неговата работа. Приказните за неговите навидум бескрајни видеосесии се добро раскажани, тренирање на изведувањето прекини, таа посветеност на деталите што го дели доброто од одличното. Но, како што истакнува, менаџментот има повеќе од тоа. Станува збор за предводење други.
– Кога управувате со луѓето, треба да се обидете да го добиете нивното срце, да ги добиете нивните емоции, да се обидете да бидете блиску до нив, да ги поддржувате, да им помагате, да барате – објаснува тој.

КУПУВАЊЕ КНИГИ

Во минатото тоа се прошири дури и на купување книги за читање на неговите играчи. Во Валенсија тој отиде дотаму што купи по две книги за сите во тимот, секоја специфична за секого. Не им го наметна тоа на своите фудбалери. Тие беа поканети да ја посетат неговата канцеларија доколку се заинтересирани. Едни не беа заинтересирани, други беа. Хуан Мата дури се вратил барајќи нов материјал. Зборувајќи со Емери за причините за тоа, тој објаснува дека тоа било поттикнато од неговите сопствени искуства.
– Сакав да го направам тоа, бидејќи многу се подобрив со читање книги. Кога бев играч, не читав. Дури кога завршив како фудбалер и станав тренер, почнав да читам книги и сфатив дека тоа многу ми помогна. Сакав да го искористам тоа искуство, па се обидов малку порано да им помогнам на моите играчи – вели Емери.
Каков вид книги?
– Сѐ. Читањето за фудбалот или за животот може да им помогне како личност и како професионалец – вели тој.
Емери читал биографии на Пеп Гвардиола и на Марсело Биелса, но и дела на есеистот Мануел Васкез Монталбан.
– Го правам тоа за да се избалансирам себеси, да го добијам тој баланс во тешки моменти. Кога играш натпреварувачки, победуваш, губиш, победуваш, губиш. Како можеш да се снајдеш со тоа, да најдеш рамнотежа емоционално, со поддржувачите, со медиумите – рече Емери.
Емери еднаш изјави дека не е роден тренер, туку тој самиот се претвори во тренер. Приказните како оваа добро го илустрираат тоа. Овој некогаш скромен играч само продолжува да учи, пишува „Скај спорт“. Тој уште не купил книги за своите фудбалери во Астон вила, но ниту го отфрлил тоа.
– Го направив тоа во Валенсија, тука уште не, но се надевам дека ќе одвојам време за да им помогнам и ним – рече Емери.

СТОПРОЦЕНТНА ДОВЕРБА

Трикот со фрлањето коцка од неговите денови во Алмерија е помалку веројатно да се повтори, но принципот останува.
– Не ја користам истата идеја, но чувството е исто. Верувам во секој играч и сакам тие да го почувствуваат тоа. Мојата доверба е 100 отсто за секој фудбалер. И, секако, тие треба да се обидат да ми одговорат со иста доверба – вели Емери.
Распоредот на Вила е особено напорен, новиот формат на Лигата на шампионите гарантира најмалку осум натпревари во тоа натпреварување. Ќе му треба целиот тим, но Емери е подготвен за тоа.
– Сакам да играм многу натпревари. Тоа е она што го сакаме – изјави Емери.
Навистина, времето во Алмерија е последен пат кога Емери не се натпреваруваше во Европа во текот на една сезона.
– Сакам да уживам во различни натпреварувања. Сакам да бидам конкурентен. Ќе играме многу натпревари и мора да бидеме свесни како да управуваме со тоа – рече Емери.
Тој зборува за „обид да се најде рамнотежа“ во однос на управувањето со минутите на играчите и знае дека одредена ротација е неизбежна.
– Треба да бидете полни со енергија. Ќе се обидам да бидам прецизен и со тоа како можеме да менаџираме со различните натпреварувања. Ќе барам да се работи како и порано, бидејќи знам дека единствениот начин е напорната работа. Верувам во фудбалерите. Верувам дека можеме да напредуваме – вели тој. Н.М.