Новиот формат ќе воведе подобар натпреварувачки баланс меѓу сите тимови и ќе овозможи секој резултат да има потенцијал драматично да го промени пласманот на екипата, до последниот натпревар и вклучувајќи го и последниот натпревар, пишува УЕФА

ФУДБАЛ – УЕФА ОБЈАВИ ДЕТАЛИ ЗА НОВИОТ ФОРМАТ НА ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА

Од сезоната 2024/2025, Лигата на шампионите (ЛШ) ќе има нов формат, а Европската фудбалска унија (УЕФА) објави детали за лигата со 36 тима (досега 32) и како тоа ќе влијае на другите европски клупски натпреварувања. Откако натпреварувањето, познато како Куп на европските шампиони, почна да се игра во 1955 година, УЕФА континуирано ја развива и ја приспособува ЛШ за да држи чекор со пошироките промени во фудбалот, пишува УЕФА.

ЕДНА ЛИГА, ЧЕТИРИ БАРАБАНИ

Клучната промена во реформите што ги најави Извршниот комитет на УЕФА е отстапувањето од системот со групна фаза. Сегашната групна фаза вклучува 32 учесника поделени во осум групи. Од следната сезона, 36 клуба ќе учествуваат во една лига во која сите ќе бодат рангирани заедно.
Според новиот формат, екипите ќе одиграат осум натпревари во новата лигашка фаза. Тие повеќе нема да играат со три противници по двапати, дома и на гости, туку ќе се соочат со осум екипи, со по четири дома и на гости. За да се одредат осумте различни противници, тимовите првично ќе бидат рангирани во четири барабани. Потоа, секој тим ќе биде извлечен да игра со по два тима од секој од овие барабани, играјќи по еден натпревар дома и на гости.
Ова им дава можност на клубовите да се тестираат против поширок опсег противници и ги зголемува шансите за публиката да гледа како врвните тимови играат меѓу себе почесто и порано во натпреварувањето, а тоа, исто така, ќе резултира со поконкурентни натпревари за секој клуб, пишува УЕФА.

КОЈ ЌЕ ГИ ДОБИЕ ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ МЕСТА?

Квалификациите за ЛШ ќе продолжат да бидат отворени и ќе зависат од пласманот на клубот во домашната лига од претходната сезона во комбинација со позицијата на секоја асоцијација во рангирањето на табелата со коефициенти. Основата на пристапната листа ќе остане иста како и за сезонава, а дополнителните четири тима во следната сезона ќе бидат распределени на следниов начин: едно место ќе му припадне на клубот рангиран на третото место во шампионатот на асоцијацијата на петтата позиција, што се одредува според рангирањето на клупските коефициенти на асоцијацијата на УЕФА, едно место ќе му биде доделено на домашен шампион со што ќе се зголеми од четири на пет бројот на клубови што се пласираат преку квалификациите, од патеката на шампионите, која ќе се состои од четири квалификациски кола, а уште две места ќе одат за федерациите со најдобри колективни перформанси од нивните клубови во претходната сезона (вкупниот број поени за клупски коефициент добиени од секој клуб од федерациите поделено со бројот на клубови учесници од таа федерација), пишува УЕФА. Тие две асоцијации ќе добијат по уште едно автоматско место во ЛШ, за клубот што е најдобропласиран во нивната домашна лига зад оние клубови што веќе се пласирале директно за лигашката фаза.

НЕМА ТРАНСФЕР ВО ЛИГА ЕВРОПА

Резултатите од секој меч во лигашкиот дел ќе одлучуваат за вкупниот пласман во новата лига. Најдобрите осум екипи во лигата ќе се пласираат во осминафиналето, а тимовите од деветтото до 24-то место ќе се натпреваруваат во плејофот, во по два меча, за пласман во осминафиналето. Тимовите што ќе завршат од 25-то до 36-то место ќе бидат елиминирани, без пристап до Лига Европа, пишува УЕФА. Во нокаут-фазата, екипите што помеѓу деветтото и 16-то ќе бидат носители во ждрепката за плејофот и реваншот ќе го играат дома. Тимовите со директен пласман во осминафиналето, пак, ќе бидат носители за ждрепката за осминафиналето. Од осминафиналето натаму, натпреварувањето ќе продолжи да го следи постојниот формат на нокаут-рунди што водат до финалето на неутрален терен. Сите мечеви пред финалето ќе продолжат да се играат во средината на неделата, а финалето ќе продолжи да се игра во саботите.
Слични промени во форматот ќе се применат и на Лига Европа (осум натпревари со осум тима во фазата на лигата) и на Конференциската лига (шест дуели со шест екипи), при што и во двете натпреварувања учествуваат по 36 екипи во лигашката фаза.

ЕКСКЛУЗИВНА НЕДЕЛА

Натпреварите од (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) ќе се играат од септември до јануари, а натпреварите во Конференциската лига (КЛ) од септември до декември. Секое од трите европски клупски натпреварувања ќе има по една ексклузивна недела, кога во другите две натпреварувања нема да се играат мечеви. Во стандардните недели, мечевите во ЛШ ќе се играат во вторниците и во средите, а во ЛЕ и во КЛ во четвртоците. Во ексклузивната недела на ЛШ, средбите ќе се играат во вторник, среда и во четврток, во ексклузивната недела на ЛЕ во среда и во четврток, а во ексклузивната недела на КЛ во четврток. Во последното коло од секоја од трите европски купа сите натпревари ќе се играат истовремено.
Новиот формат ќе воведе подобар натпреварувачки баланс меѓу сите тимови, со можност секој тим да игра против противници на слично натпреварувачко ниво во текот на целата лигашка фаза, пишува УЕФА. Секој натпревар е важен. Новиот формат на лигата ќе овозможи секој резултат да има потенцијал драматично да го промени пласманот на екипата, до последниот натпревар и вклучувајќи го и последниот натпревар. Победата или поразот на последниот натпревар од лигашката фаза може да ја направи разликата помеѓу една екипа што автоматски ќе се пласира во осминафиналето, влегување во плејофот или целосно елиминирање од натпреварувањето, пишува УЕФА. Н.М.