Варди зборува за едната деценија со Лестер, во која со тимот влезе во Премиер-лигата, освои титула, постигна 100 гола, постави рекорд, играше во Лигата на шампионите, испадна од Премиер-лигата…, а сега ќе се обиде да направи максимум сезонава за да додаде уште едно поглавје на оваа извонредна деценија со „лисиците“, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Кога Лестер го ангажира Џејми Варди од Флитвуд за она што беше, и уште е, рекорд од еден милион фунти за нелигашки фудбалер, никој не предвидуваше дека и во следната деценија ќе бидат заедно. Сепак, тоа не беа постојано голгетерски рекорди и трофеи за бројот девет на Лестер. Варди зборува за „Скај спорт“ за 10-те години подеми и падови со Лестер, каде што беше освоена и титула во Премиер-лигата, испаѓање…
Пред десет години, Варди беше на погрешната страна на една од најнеобичните завршници на фудбалски натпревар, познатиот гол „Трој Дини“ во полуфиналето од плејофот против Вотфорд, почнувајќи го тој меч на клупата покрај познато лице.
– Бев до Хари (Кејн) на клупата на тој натпревар. Ние, всушност, го донесовме како лево крило, секогаш кога влегуваше беше на крилата. Тој дојде кај нас за да добие искуство како млад играч и очигледно дека потоа направи некои неверојатни работи – вели Варди.
Меѓу падовите што се случија во текот на неговата кариера во Лестер, поразот од Вотфорд беше еден од првите. Но, за него тоа е олицетворение на неговото време со клубот, користејќи неуспеси како инспирација.
– Тој меч ни даде мотив да сакаме да успееме во сезоната потоа. Се сеќавам дека се вратив за следната претсезона, ги имавме правите тестирања и ако не бевте доволно фит, не ги гледавте фудбалските топки една недела. Секој од нас се врати во форма како што можеше, па бевме подготвени – се сеќава тој.
Варди беше дел од тимот што го врати Лестер во Премиер-лигата по една деценија отсуство од врвната лига.
– Гладот таа сезона беше присутен од првиот ден. Околу Божиќ требаше да играме со Барнли и со КПР, кои играа добро. Отидовме кај КПР, победивме и не застанавме – вели тој.
Во неговата прва сезона во Премиер-лигата го постигна својот прв гол во најдобрата лига, во победата со 5-3 над тимот преполн со ѕвезди, Манчестер јунајтед. Тој постигна пет гола во таа сезона, а еден беше за победа кај Вест Бромвич, што беше катализатор за опстанокот на Лестер.

СО СЕРИЈАТА ГОЛОВИ ДОЈДЕ И РЕКОРДОТ

И покрај тоа што доаѓаше од нелигашки клуб, тој никогаш не се сомневаше дека може да направи нешто на врвно ниво.
– Отсекогаш сум бил уверен во мојата способност да постигнувам голови без разлика против кого играм. Таа сезона знам дека заврши со спасување од испаѓање, но ние никогаш не бевме надигрувани, секој натпревар беше тесен, а тоа само покажа дека можеме да го направиме тоа и ние само продолживме да го докажуваме тоа – вели тој.
Во следната сезона Варди имаше низа голови што ќе останат во историјата на Премиер-лигата. Со еден поглед на една фотографија, тој одговори со еден збор.
– Единаесет.
Со 11 гола по ред во Премиер-лигата го собори рекордот на Руд ван Нистелрој, а тоа го направи против поранешниот клуб на Холанѓанецот, Манчестер јунајтед.
– Секогаш мислев дека ќе постигнам гол таа вечер, верував во тоа. Сите момци направија специјално видео за мене пред мечот, кажувајќи колку се горди и колку е посебно да се биде вклучен во серијата постигнати голови – се сеќава тој.

ОД ПРВАТА ЦЕЛ СО 40 БОДА ДО ТИТУЛАТА

По спасувањето од испаѓање во претходната сезона, следуваше највпечатливото достигнување во англискиот фудбал, кога Лестер ја освои Премиер-лигата.
– Каков ден, брилијантен. Да се дојде од каде што доаѓам и да се направи тоа е нешто од што се направени соништата – вели тој, уште делумно со неверување седум години подоцна.
Човекот на чело во таа историска сезона, Клаудио Раниери, беше добропознат по неговиот одличен однос со медиумите за време на таа сезона, но Варди откри дека зад сцената било сосема поинаку. Италијанскиот тренер постојано инсистираше на тоа дека целта на Лестер за сезоната се 40 бода, но Варди рече дека тоа брзо се променило.
– Ни велеше дека целта се 40 бода. Стигна половина од сезоната и имавме 38 бода, а тој влезе велејќи: „Уште еден бод од оваа полусезона, а потоа уште 40 бода од втората половина од сезоната“ – вели тој.
Варди потоа направи уште еден огромен скок во елитното фудбалско натпреварување, постигнувајќи го својот прв гол во Лигата на шампионите на гостувањето кај Севилја во првиот осминафинален меч.
– Рековме дека ни треба гол на гости и јас бев тој што го постигна – рече Варди, а важноста на тој гол се зголеми бидејќи Лестер продолжи во четврт-финалето, откако победи во реваншот со 2-0.

СТО ГОЛА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Варди го постигна својот 100-ти гол во Премиер-лигата во сезона со празни стадиони.
– Да се постигнат 100 гола во Премиер-лигата не е воопшто лесно. Без навивачи беше толку чудно. Можеше да се слушне како паѓа игла на земјата. Чудно беше да се слушаат тренерите и играчите како викаат толку јасно, но без бучава што доаѓа од трибините – вели тој.
Моментот што можеа да го посведочат одбран број гледачи беше кога Лестер освои уште еден трофеј, првиот ФА-куп во историјата на клубот, освоен пред ограничена публика на стадионот „Вембли“, поради пандемијата на коронавирусот.
– Уште еден трофеј, многу ви благодарам – се насмевнува Варди, што доволно зборува за стандардите и за очекувањата што ги имаше и Лестер.
А тоа е она што направи настаните само две години подоцна уште повеќе да му влијаат на Варди. Само две години по освојувањето на ФА-купот, Лестер испадна во дивизијата Чемпионшип и Варди е решен да помогне во враќањето на Лестер во Премиер-лигата.
– Бев разочаран. Табелата не се определува со она што го кажуваат луѓето. Мора да се помирите со тоа. Имавме многу подеми и падови, ова е еден од оние падови по кои треба да се свртиме кон нагорна линија – вели Варди.
И покрај тоа што не играше многу минути, колку што играше некогаш за „лисиците“, Варди уште сака да има влијание и на теренот и надвор од него. Со голем број млади играчи што се пробиваат и се приклучуваат на заем, тој смета дека е важно да биде таму за да влијае на помладите играчи во тимот.
– Сето тоа е важно, јас сум секогаш тука за да разговарам со младите. Важно е како се однесувате. Бидете нормални со сите. Нема да бидам голема ѕвезда. Јас сум само јас – вели тој.
Во моментов Лестер е прв на табелата во дивизијата Чемпионшип, а Варди (стрелец на голот за победа на мечот со Бристол во саботата за преземање на врвот по осум кола – н.з.) ќе се обиде да направи максимум сезонава за да додаде уште едно поглавје на оваа извонредна деценија со „лисиците“. Н.М.