Авторот, д-р Бранислав Светозаревиќ, заедно со промоторите Ацо Крстески и м-р Маја Славева во Канели и во Венеција зборуваа за важноста на италијанските сведочења за Македонците низ вековите

Книгата на д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни, „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“, годинешната европска турнеја ја заврши во Италија, со две промоции во Канели и Венеција. Македонските иселеници жедно ја дочекаа книгата, која во себе ги има собрано сведочењата за Македонците и нивното постоење низ повеќе од 2.000 години.
Авторот, д-р Бранислав Светозаревиќ, заедно со промоторите Ацо Крстески, претседател на Светскиот македонски конгрес за Европа, и м-р Маја Славева, докторанд по безбедносни науки, во Канели и во Венеција зборуваа за важноста на италијанските сведочења за Македонците низ вековите. Во книгата, меѓу другото, се наоѓаат и сведочења од 1923 година дека македонските села во Албанија се прикажувале како бугарски.
Извадок од книгата: 1923 год. Италијански висок комесар во Цариград, Италија.
„Предмет: Бугарски села во Албанија.
Во врска со мојот акт бр. 4337/616 од 15 апр о.г. и телеграма бр. 236237/258 од 22 август о.г. Министерството, чест ми е да ја известам В.Е. дека со посредство на кр. воен аташе на ген. Марков му ги пренесов информациите кои тој ги побарал во врска со бугарските села на албанската територија.

Според моите упатства, кр. (кралевско) воено аташе усмено ги дал бараните информации за да избегне на генералот Марков да му остави примерок или изводи од документите кои ги добив од Министерството. Истакна дека селата за кои наведениот генерал се интересира и од самите жители се нарекуваат македонски, а не бугарски.“
Организатор на промоцијата во Канели беше госпоѓа Илона Захариева, а во Венеција, господин Рамазан Мифтароски. Македонските муслимани во Венеција слушнаа дел од записите низ историјата што сведочат за нивното постоење како Македонци со исламска вероисповед.
Сите промоции на книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ низ Европа беа многу емотивни за македонските иселеници што беа дел од настаните. Според многумина од присутните на промоциите во европските градови, најновото капитално дело на Светозаревиќ може да се смета како најмоќното оружје за борба на Македонците за зачувување и одбрана на својот идентитет, народ, култура и јазик. Делото е објавено на македонски и на англиски јазик, а се преведува и на српски и хрватски, со цел да дојде до што повеќе читатели.

Интересот за ова историско дело низ светот и науката расте, па, така, Светозаревиќ им достави книги и на двајца универзитетски професори во Париз што се занимаваат со македонското прашање и историја. Во Македонија книгите на англиски јазик се доставуваат до сите странски амбасади и конзулати, а надвор од Македонија ќе бидат доставени до пратениците во Европарламентот и конгресмените и сенаторите во САД.
Во следниот период книгите на англиски јазик ќе бидат испратени и на поголем број универзитети и влијателни личности во Европа и светот.
Во меѓувреме тој го подготвува вториот том, за кој секојдневно добива нови информации и докази од сите страни на светот, кои ги вметнува во новата книга за Македонците и името Македонци низ милениумите. П.Р.