Фото: Архива

Експертите од областа на образованието во Македонија велат дека самиот модел на дигитално образование, без учебници, бил погрешна идеја. Копирањето модели, како што е финскиот, не значи дека тој априори ќе гарантира ефективни резултати во други региони, подрачја и области…

Дигитално или традиционално образование, здрава автохтона реформа или копиран концепт?

Концептот за дигитално образование што Македонија се обидува да го воведе веќе неколку години, некои држави во Европа го напуштаат. Причините ги лоцираат во фактот дека децата треба да покажат поголема проактивност на база на вежби и интеракција. Додека Македонија се обидува да копира модели на образование од Скандинавија, Шведска на пример ги надмина таквите модели и заклучува дека треба да ги враќа учебниците во наставата.
Искуството од Шведска покажува дека на учениците им се потребни печатени учебници. Една од причините е активноста во читањето, кое е нешто што е базично во еден образовен систем.
Експертите од областа на образованието во Македонија велат дека самиот модел на дигитално образование, без учебници, бил погрешна идеја. Копирањето модели, како што е финскиот, не значи дека тој ќе даде ефективни резултати на други подрачја. Кај нас таа реформа предизвика генерален проблем во образовниот систем, каде што веќе неколку години учениците немаат учебници, но не поради функционалноста, туку поради нефункционалноста на моделот.

До знаење – преку печатени учебници!

Враќањето на традиционалните начини на учење е одговорот на прашањата на шведските политичари и експерти дали хипердигиталниот пристап во образованието во земјата, вклучувајќи го и воведувањето т.н. таблети (ИТ) во градинките, доведе до пад на основните вештини.
Според Асошиејтед прес, шведската министерка за образование Лота Едхолм е еден од најголемите критичари на усвојувањето на технологијата.
– На учениците во Шведска им требаат повеќе учебници. Печатените книги се важни за учење – изјави таа во март и планира целосно да го укине дигиталното учење за децата под шест години.
Иако учениците во Шведска постигнаа резултати над европскиот просек кога станува збор за способноста за читање, меѓународната процена на нивоата на читање во четврто одделение падна помеѓу 2016 и 2021 година. Во 2021 година, четвртоодделенците имале просек од 544 поени, а во 2016 година биле со 555. За споредба, Сингапур ги подобрил резултатите од 576 на 587 поени во истиот период.
– Сметаме дека фокусот треба да се врати на стекнување знаење преку печатени учебници и експертиза на наставниците, наместо да се стекнува знаење од достапни дигитални извори – се наведува во изјавата на шведскиот институт „Каролинска“ минатиот месец за националната стратегија за дигитализација на образованието во земјата.
Минатиот месец УНЕСКО ги повика земјите да ја забрзаат интернет-врската во училиштата, но и предупреди дека треба умерено да се користи технологијата во образованието за да не ги замени лекциите што ги водат наставниците.

Како натаму со концепцијата на дигитализација во образованието

Децата и младите сѐ повеќе време поминуваат со телефони, таблети и компјутери, сѐ помалку читаат книги во печатена форма. Сѐ повеќе се зборува во образовниот процес да бидат вклучени таблетите и компјутерите.
Сепак, кај нас се поставува и прашањето дали наставниците, учениците и родителите воопшто се подготвени за дигитална трансформација на образованието. Има ли државата стратегија и кои се најголемите предизвици со кои се соочува системот кога станува збор за дигитализирање на образовните услуги и програми?
Според министерот за образование и наука Јетон Шаќири, образованието денес треба да ги подготви децата и младите за иднината заснована врз дигитална технологија. За Министерството за образование и наука, пандемијата беше импулсот за забрзување на дигитализацијата. Со воведувањето на националната платформа за далечинско учење, која се надградуваше во од, се овозможи успешно премостување на неможноста за настава со физичко присуство.
– Со новата концепција за основното образование, дигитализацијата во образованието се издигна на повисоко рамниште, како доближување до глобалните трендови на квалитетно образование. Од почетокот на оваа учебна година во примена се новите дигитални материјали за учење, во согласност со новите наставни програми за четврто одделение. Следната учебна година интерактивни материјали ќе користат учениците од петто одделение, а етапното воведување е во согласност со развиеноста на вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки. И во училниците воведуваме современа ИТ-технологија, интерактивни табли и други помагала што овозможуваат поквалитетна настава – посочи Шаќири.
Тој укажа дека образовните системи чии ученици постигнуваат високи резултати на меѓународните тестирања се оние каде што информатичко-комуникациската технологија масовно се користи во воспитно-образовниот процес. Цел на МОН е издигнување на квалитетот на образованието, создавање мотивирани ученици, со добри ИТ-вештини, дигитално писмени и добро подготвени за влез во сферата на академското образование.