Денешното дерби ќе биде 99-то по ред

ФУДБАЛ – БУНДЕСЛИГА

Дерби-мечот Борусија Дортмунд – Шалке, помеѓу тимовите што ги имаат најстрасните навивачи во Германија, познат е и како „мајка на сите дербија“ и се смета за едно од најжестоките ривалства во светскиот фудбал, пишува на интернет-страницата на Бундеслигата. Денешното дерби (15.30 часот) ќе биде 99-то, а поуспешна досега е Борусија, со 36 победи спрема 32-те на Шалке. Борусија е поуспешна и според бројот на освоени титули во германската лига, осум, една повеќе од Шалке.
Градовите Дортмунд и Гелзенкирхен, во индустрискиот регион на Рур, се оддалечени само 30 км и имаат многу заеднички нешта, пред сѐ во фанатичните навивачи од работничка класа, пишува Бундеслигата. За разлика од други ривалства, овде станува збор само за кого навивате, дали сте за „црно-жолтите“ (Борусија) или за „сините“ (Шалке).
Ривалството помеѓу двата гиганта од Рур е огромно, но останува и меѓусебната почит помеѓу клубовите. Тимовите дури и финансиски си помагаа во неколку наврати. Најпознатиот пример е од 1974 година, кога Борусија беше во огромни долгови по испаѓањето. Нивниот нов стадион „Вестфален“ штотуку беше изграден за Светското првенство во 1974 година, а Шалке беше поканет на свеченото отворање. Шалке се согласи да игра без надомест, а заработката да оди во касата на Борусија. Шалке ѝ возврати на Борусија поканувајќи ја официјално да ја отвори нивната нова арена „Ауф Шалке“ во 2001 година.
Уште еден редок момент на единство помеѓу двата клуба се случи во 1997 година, кога Борусија и Шалке ја донесоа европската слава дома. Прво Шалке, на 21 мај, го победи Интер на пенали и го освои некогашниот Куп на УЕФА, а една недела подоцна, и Борусија победи италијански тим, Јувентус, за триумф во Лигата на шампионите. Легендата на Германија и на Баерн, Франц Бекенбауер, подоцна рече: „Срцето на германскиот фудбал чука во Рур“. Л.Д.