Осумдесет и девет отсто од фирмите велат дека нивните операции во земјата се стабилни и профитабилни, пишува Џонг Нан за „Чајна дејли“

Подем на трговската размена и покрај меѓусебната конкурентност

Привлечноста на Кина како огромен профитабилен пазар за американските компании и годинава остана непроменета, и покрај ударот на ковид-19 врз глобалната економија и трговските нарушувања, изјавија кинеските аналитичари и владините претставници. Тие излегоа со овој коментар по анкетата на Американско-кинескиот деловен совет, која покажа дека американските компании продолжуваат да известуваат за солидни резултати во текот на минатата година, при што 89 отсто од нив изјавиле дека нивните операции се профитабилни.
Во извештајот, составен во јуни од страна на организацијата со седиште во Вашингтон, имало интервјуа со 117 компании, кои содржеле прашања што се однесуваат на нивните бизнис-перспективи, инвестициската клима и пазарните услови во Кина. Студијата покажала дека повеќето од анкетираните субјекти нема да вршат преместување на сегменти од нивните снабдувачки синџири надвор од Кина. Тоа зборува за конкурентноста на земјата во однос на брзината, квантитетот, квалитетот и цената на производството, и покрај царините и другите фактори.
– Кина останува клучен пазар за американските компании, факт што ја побива идејата за економско раздвојување – изјави Баи Минг, заменик на директорот на одделението за истражување на меѓународниот пазар при Кинеската академија за меѓународна трговија и економска соработка, која се наоѓа во Пекинг.
Тој рече дека и покрај одредени одливи на инвестиции во Југоисточна Азија поради пониските трошоци за работна рака, тие не се во спротивност со инвестициските планови на американските фирми во Кина, кои повеќе се однесуваат на соработка во високотехнолошки и услужни индустрии, а се во согласност со висококвалитетната кинеска развојна стратегија.
Истражувањето на Американско-кинескиот деловен совет исто така откри дека 63 отсто од испитаниците изјавиле дека минатата година нивната профитабилност пораснала до ниво и удел невидени подолго од една деценија. Податоците укажуваат на големиот потенцијал што го имаат кинеските пазари за американските производители. Доколку тие немаат капацитет за учество на кинескиот пазар и искористување на овие можности, се наоѓаат во глобално неповолна положба во споредба со конкурентите што поседуваат таков потенцијал, се наведува во студијата.

Пораст на трговската размена меѓу Кина и САД

Порастот на американските инвестиции во Кина годинава ќе го задржи стабилното темпо, благодарение на напорите на земјата за унапредување на сопствената индустрија и огромната пазарна побарувачка за стока и услуги – рече Хуо Џиангуо, потпретседател на кинеското друштво за студии на Светската трговска организација (СТО).
Според Министерството за трговија, во првите седум месеци од годинава, кинеско-американската трговија пораснала на 423,64 милијарди долари, односно за 11,8 отсто на годишно ниво, додека ефективната употреба на американскиот капитал во Кина пораснала за 36,3 отсто на годишно ниво.
– Заедно со имплементацијата на Спогодбата за сеопфатно регионално економско партнерство, која стапува во сила во јануари следната година, се очекува зголемување на очекувањата на голем број американски компании за уште послободна трговска размена – додаде Хуо.
Гуо Тингтинг, помошник на министерот за трговија, на прес-конференција во Пекинг нагласи дека владата ќе го забрза темпото на воведување на новото издание на индустрискиот каталог на сектори што поттикнуваат странски инвестиции, ширејќи го и понатаму обемот на странски вложувања во напредно производство, наука, технолошки иновации и современи услуги.

Подем на странски инвестиции во Кина

Американските фирми продолжуваат да гледаат на бизнис-можностите во Кина не само во сферата на етаблираните индустрии, како што се секторите на домашна потрошувачка и производство, туку и во нови области, како што е националната имплементација на новите дигитални технологии – рече Сун Фукуан, потпретседател на Кинеската академија за наука и применета технологија во Пекинг.
Накул Дугал, потпретседател и генерален менаџер во „Куалком технолоџис“, компанија што произведува чипови и има седиште во Калифорнија, изјави дека кинескиот пазар ќе биде главен извор на приходи за нивниот автомобилски бизнис, бидејќи огромниот кинески превозен сектор врши побрзо усвојување автономни сообраќајни технологии од оние во другите земји.
„Интуитив срџикал“, производител на роботски хируршки системи со седиште во САД, во почетокот на месецов најави дека ќе инвестира над 700 милиони јуани за изградба на производствена и иновациска база во Шангај. Гери Гутхарт, извршен директор на компанијата, соопшти дека е предвидено новите производствени објекти на компанијата во Шангај да профункционираат во 2025 година и дека во нив ќе се произведуваат роботи за хируршки интервенции за потребите на кинескиот пазар.