Реал Мадрид – Челси 2-3 (вкупно 5-4). На двата меча, Бензема му даде четири гола на Челси, седум на последните три натпревари, вкупно 12 сезонава во ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал Мадрид, најтрофејниот со 13-те титули првак на Европа, во исклучително интересен и неизвесен меч по продолженијата, успеа да го елиминира ланскиот шампион, Челси, и да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ). „Кралевите“, кои загубија со 2-3, но одат натаму благодарение на победата на првиот меч во Лондон со 3-1, до 80-та минута губеа со 0-3 и беа на работ на елиминација, но се вратија „во живот“ со головите на Родриго и на Карим Бензема. На двата меча, Бензема му даде четири гола на Челси, вкупно 13 против тимови од Англија во ЛШ, што е втор најдобар ефект против премиерлигаши по Лионел Меси (27). Сезонава тој даде седум гола на последните три натпревари, четири на Челси и три на ПСЖ, вкупно 12 досега.
На првиот меч на стадионот „Сантијаго Бернабе“ (во ланското полуфинале се играше на стадионот за тренинг „Алфредо ди Стефано“), Челси стана вториот англиски тим што постигнал три гола на гости против Реал Мадрид во европските натпреварувања. Претходно тоа му успеа на Манчестер јунајтед (3-3) во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) во мај 1968 година.
Реал Мадрид постигнува гол(ови) на последните 28 натпревари дома во нокаут-фазата во ЛШ, а последен пат не им успеа тоа на мечот против Барселона во полуфиналето во 2011 година.
Лука Модриќ, кој одлично му асистираше на Родриго за првиот гол, ја забележа четвртата асистенција сезонава во ЛШ, вкупно 16 од доаѓањето во Реал Мадрид во 2013 година.
– Неверојатно. Бевме „мртви“ сѐ до голот што го постигнавме. Не можам да кажам дека одигравме лош натпревар, но тие ги искористија своите шанси и ги постигнаа головите. Знаевме и по првиот дуел дека ќе биде тешко, затоа што за мене тие се најтешкиот тим како противник – изјави Модриќ.

Голем удел за победата на Реал Мадрид има и тренерот, Италијанецот Карло Анчелоти. Тој со „кралевите“ триумфира во ЛШ во 2014 година и наскоро, најверојатно, со Реал Мадрид ќе ја освои титулата во шпанската Ла лига и ќе стане првиот тренер што предводел шампионски тимови во петте најсилни лиги во Европа. Тоа се Милан во Серија А, Челси во Премиер-лигата, Баерн Минхен во Бундес-лигата и Пари сен Жермен во Лига 1. Исто така, нема тренер што повеќе пати од него ја освојувал ЛШ, трипати, со два тима (со Милан двапати и еднаш со Реал Мадрид). Анчелоти е и еден од седумтемина што го кревале трофејот во ЛШ како играчи (двапати) и како тренери (трипати).
Како играч на легендарниот тим на Милан под водство на Ариго Саки, тој поседуваше извонредни тактички вештини и беше на теренот кога се одвиваше своевидната „фудбалска револуција“ на Ариго Саки.
– Таквото играчко искуство е предуслов за врвен тренер. На секој тренер што не играл на највисоко ниво му недостига нешто што Анчелоти доживеал. Оттаму е неговото сфаќање на играта, на играчите, милјето на професионалниот фудбал однатре. Тој не е догматичен тренер. Сите негови тимови се на високо тактичко ниво, но како играч, добивате слобода. Анчелоти е најдобар во справувањето со екстремните ликови во соблекувалната – вели Филип Лам, капитенот на Баварците под водство на Анчелоти.


Вилјареал го шокира Баерн Минхен

Вилјареал го изненади Баерн Минхен, ремизира, 1-1, на гости во четвртфиналниот реванш-меч во Лигата на шампионите (ЛШ) и благодарение на победата од 1-0 во првиот меч, се пласира во полуфиналето, вторпат по 16 години, во сезоната 2005/2006, кога загуби од Арсенал. Своевиден куриозитет е тоа што на двата меча фудбалерите на „жолтата подморница“ упатија само два удара во рамките на голот на шесткратниот европски првак Баерн Минхен и постигнаа два гола!
Вилјареал е незгоден противник за што говори и податокот дека има загубено само еден од последните девет меча во нокаут-фазата на ЛШ (три победи и пет ремија).
– Извонредно чувство. Одиме чекор по чекор напред, го минавме четврт-финалето, беше многу тешко, но нашата цел пред овој натпревар не беше да се покажеме добро туку да се квалификуваме за следното коло. За да се постигне нешто, треба да се направат некои важни работи и да се победат фаворитите. Натпреварот против Јувентус во осминафиналето ни даде голема самодоверба – изјави Унаи Емери, тренерот на Вилјареал, кој лани триумфира во Лига Европа.