Новата листа ќе биде објавена по завршувањето на СП 2018

Бразил, Франција, Белгија, Англија и Хрватска се во трка за првото место, кое досега го имаше Германија. Македонија би требало да скокне 5-6 места од минатомесечното 71-во скалило

Светската фудбалска федерација (ФИФА) за новото рангирање, кое треба да биде објавено по завршувањето на Светското првенство (СП) во Русија, ќе почне да применува поинакви пресметки отколку досега. ФИФА досега ги сметаше резултатите од последните четири години на секоја селекција. Според новата „математика“ (на пример помала важност на пријателските, а поголема на финалните турнири на СП или на континентите, поголема важност на нокаут-средбите отколку тие во групната фаза итн.) се очекува врвот да го препушти Германија, по елиминацијата во првата фаза.

На интернет-страницата на ФИФА достапни се пресметки, според кои Германија треба да има 1.271 поен, а според истите пресметки Бразил би требало да има 1.627, Франција досега има 1.585 (без финалниот меч), Белгија 1.468 (без мечевите од нокаут-рундата), Англија од 1.284 до 1.418 (во зависност од мечот синоќа со Хрватска), Хрватска 1.331 (без мечевите од нокаут-рундата) итн.
Македонија на минатото рангирање имаше 451 поен и беше на 71-то место. Според новата пресметка на ФИФА, црвено-жолтите треба да имаат 495 и можен е скок на листата за 5-6 места, меѓу другите и веројатно пред учесникот на СП 2018, Панама.