Фото: Игор Бансколиев

Во финалето Академија Пандев беше подобра од Македонија ЃП, 6-4, на пенали (2-2)

Академија Пандев го освои 27-от куп на Македонија во фудбал, прв клупски трофеј по само девет години од формирањето! Во финалето на арената „Тодор Проески“ во Скопје, тимот од Струмица ја совлада Македонија ЃП, на пенали со 6-4, откако по 120 минути игра немаше победник, 2-2. Во пенал-рулетот, блескаше голманот на Академија Пандев, Србинот Душан Чубраковиќ, кој им ги одбрани ударите од белата точка на Бразилецот, Да Силва Робсон и на Дејан Тантуровски. На спротивната страна пеналџиите на Академија Пандев беа посмирени, биеја непогрешливо и го заслужија победничкиот пехар. За играчите на Академија Пандев ова е круна на успешната сезона во која како третопласирани во шампионатот на Македонија (во втората сезона) си обезбедија настап во квалификациите за Лига Европа (ЛЕ), во јули годинава.

– Одлучуваа нијансите, среќата нѐ послужи, беше на нашата страна при изведувањето на пеналите. Мислам дека финалето беше квалитетно, се играше отворено, имавме квалитетен противник во Македонија ЃП, кој исто така имаше свои моменти и шанси за триумф. Јас им честитам на моите фудбалери за одличната, историска сезона, купот е наш, претходно со освојувањето на третото место обезбедивме и настап во Лига Европа (ЛЕ). Овој 22 мај ќе биде запишан со големи букви во историјата на Академија Пандев. Посебна благодарност и до сопственикот на клубот, Горан Пандев, кој токму на 22 мај пред девет години се закити со титулата првак на Европа со Интер – изјави пресреќниот тренер на Академија Пандев, Југослав Тренчовски, чија екипа во јули ја очекуваат квалификациите во ЛЕ.

Покрај голманот Чубраковиќ, овој натпревар ќе се памети и по Сашко Пандев. Тој во 10-та минута го постигна водечкиот гол за Академија Пандев со прекрасен, прецизен
удар од 25 метри. Истиот тој Пандев пред 10 години беше јунакот во куп-финалето, тогаш во дресот на Работнички, и на мечот против Македонија ЃП кога го даде израмнувачкиот гол во судиското продолжени, по што мечот продолжи уште 30 минути и потоа се изведуваа пенали во кои, во шестата серија Сашко Пандев даде гол и му го донесе пехарот на Работнички.

Македонија ЃШ не успеа да се закити со вториот куп-трофеј, иако беше многу блиску до победа. По водството на Академија Пандев од 1-0, ѓорчепетровци успеаја да направат пресврт и во 84-та минута да поведат од 2-1. Но како прерано да почнаа да се радуваат и веќе во следниот напад, одбранбените играчи не беа најсконцентрирани и на работ од 16-те метри направија прекршок за пенал што можеа и требаше да го спречат доколку беа малку повнимателни. Како и да е, Македонија ЃП ќе мора да причека на нова шанса за освојување втор куп-трофеј по 2006-та. За пропуштената шанса сигурно ќе жали и ветеранот, 38-годишниот Боби Божиновски, капитенот на Македонија ЃП, кој му беше соиграч на Сашко Пандев во Работнички пред 10 години. 


Македонија ЃП – Академија Пандев 4:6, пенали (2-2, 1:1)

Скопје, арена „Тодор Проески“. Гледачи: околу 5.000. Стрелци: Да Силва 21’, Дејан Тантуровски 84’ (МЃП), Сашко Пандев 10’, Љупчо Дориев 86’ (АП).
Судија: Марјан Ецкоски од Охрид.
Македонија ЃП: Јовановски, Жуниор Изалдо (Стојановски 110’), Божиновски, Да Силва Робсон, Кировски (Демир 101’), Пецов, Филиповски (Пауло Карвалјо 72’), Андре Гама, Билали, Тантуровски.
Тренер: Александар Таневски
Академија Пандев: Чубраковиќ, Атанаскоски, Димов, Илиев, Костов, Стоилов, Миловеновиќ (Стојков 89’), Дориев, Пандев (Крстовски 79’), Стојкоски (Иванов 69’), Велинов.
Тренер: Југослав Тренчовски