Првиот меч на Мундијалот треба да се одигра на 21 ноември, а финалето на 18 декември

ФУДБАЛ

Во текот на групната фаза на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, која ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември, ќе се играат по четири натпревари дневно, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Мечевите во првите две кола ќе почнуваат во 13, 16, 19 и во 22 часот по локално време (два часа порано според средноевропско време), на стадионите што се наоѓаат во радиус од 60 км. Гледачите и претставниците на медиумите би можеле да присуствуваат на по два меча дневно и да не патуваат долго помеѓу средбите.
Дуелите од третото коло во осумте групи и натпреварите во нокаут-фазата ќе почнуваат во 18 часот и во 22 часот.

Воведниот меч на СП 2022 ќе се игра на стадионот „Ал бајт“ во Ал Хор, со капацитет од 60.000 седишта (од 13 часот), на дуелот на кој ќе настапи Катар. Финалето треба да се одигра на стадионот „Лусаил“ во Доха, кој е со капацитет од 80.000 луѓе (од 18 часот).
На тоа СП последен пат ќе настапат 32 репрезентации (на СП 2026 во САД, Канада и во Мексико ќе играат 48 селекции), кои натпреварите ќе ги играат на осум стадиони. Вторпат едно СП ќе се игра во Азија (во 2002 година се одржа во Јужна Кореја и во Јапонија). Во меѓувреме треба да се објави датумот за почетокот на европскиот дел од квалификациите (ждрепка на 1 декември).