Кени Далглиш ќе им ги предаде победничките медали на фудбалерите за триумфот во Премиер-лигата сезонава, по гостувањето на Челси в среда
Ливерпул ќе го крене шампионскиот трофејот во англиската фудбалска Премиер-лига на специјалната церемонија на трибината „Коп“, кога ќе му гостува Челси, в среда. Тимот предводен од Јирген Клоп ја освои првата титула во Лигата по пауза од 30 години, вкупно 19-та, но навивачите на „црвените“ нема да бидат на стадионот „Енфилд“ за да ја следат церемонијата и да ја прослават титулата, објави „Би-би-си“.

Наместо тоа ќе можат да прославуваат дома, пред своите телевизори, преку бесплатниот пренос. Клупската легенда, сер Кени Далглиш, ќе им ги додели медалите на фудбалерите по што капитенот Џордан Хендерсон ќе го крене пехарот. Хендерсон, кој лани го крена победничкиот пехар во Лигата на шампионите (ЛШ), ќе биде првиот капитен на Ливерпул како англиски шампион, по Алан Хансен во 1990 година. Тој и неговите соиграчи ќе го добијат трофејот на подиумот опкружен со транспаренти направени од навивачите и поставен во средината на познатиот „Коп“.

Клубот ги повика навивачите „да останат дома за да уживаат во церемонијата“, поради тековните мерки за заштита од ширењето на коронавирусот.
– Бидејќи нашите навивачи не ќе можат да присуствуваат на натпреварот, историскиот повод ќе вклучува несекојдневна презентација дизајнирана за да им се оддаде признание – велат од клубот.