Ретко се случува играч на возраст на Педри, кој се смета за предводник на следната генерација шпански таленти, да биде толку влијателен на најголемата сцена, со вештината, процената на времето и просторот, можноста да ја држи топката подалеку од противниците, чувството на целосна контрола и смиреноста… Она што го издвојува Олмо, пак, се извонредните технички вештини и контролата на топката, тој ја спојува способноста да ја испрати топката во голот, да бие од далечина, да асистира и да ја гради играта

Педри Гонзалез или само Педри, 18-годишниот играч за врска на Шпанија, го привлече вниманието на фудбалската јавност со играта во полуфиналето против Италија и воопшто на Европското првенство (ЕП) 2020. Педри, кој стана најмладиот играч што почнал меч од полуфинале на ова натпреварување, имаше 65 точни додавања од 67, а селекторот на „црвената фурија“, Луис Енрике, го спореди со славниот Андрес Иниеста, што е еден од најголемите комплименти што може да му се дадат на еден млад шпански фудбалер. „Видовте ли како играше Педри на турнирот? Никогаш не сум видел 18-годишно дете да игра како него, дури ни Иниеста. Лудо е“.
Ретко се случува играч на возраст на Педри да биде толку влијателен на најголемата сцена, а уште поретко е еден тинејџер да биде толку издржлив. Мечот против Италија за него беше 62. натпревар сезонава, како централен играч за врска на Барселона. Педри, кој пристигна лани во Барселона од Лас Палмас, се смета за предводник на следната генерација шпански таленти. Покрај него тука се и 21-годишното крило на Манчестер сити, Феран Торес, 20-годишниот Ерик Гарсија, кој неодамна ѝ се приклучи на Барселона од Сити и Дани Олмо (23), кој исто така одигра одлично на ЕП 2020.
Педри, кој пораснал во Тегуесте, Тенерифе, на детска возраст му рекол на својот татко дека сака фризура како Иниеста, сѐ додека не го разубедиле оти нема да му прилега. Сепак, во нешто друго можел да го имитира Иниеста, од срамежливоста до вештината, во процената на времето и просторот, можноста да ја држи топката подалеку од противниците. Чувството на целосна контрола и смиреноста што оди со тоа, таа супериорност. „Играм како да сум во градината со мојот брат, играм за задоволство“, вели тој. Прашан неодамна дали некогаш бил нервозен, тој одговори: „Можеби пред дебито за Лас Палмас“.

На ова ЕП блескаше и Олмо, напаѓачот на германскиот Лајпциг. Досегашната кариера на Олмо, „чудото на Барселона“ што повеќе сакаше да игра натпревари отколку да тренира во Ла Масија, имаше невообичаен тек. Роден во Тераса, на периферијата на Барселона во 1998 година, прво беше дел од најмладите категории на Еспањол, за потоа да замине во познатата академија на Барселона, во 2007 година, на деветгодишна возраст. Олмо беше најдобар стрелец во својата возрасна група во четири од шесте сезони, но реши да ја напушти Барселона за да напредува во кариерата. Во летото 2014 година замина во Динамо Загреб и многу бргу го покажа талентот, стана најмладиот странски фудбалер што заиграл за Динамо, на 16 години и девет месеци. Во јуни 2019-та беше прогласен за играч на годината во Хрватска, а со Шпанија победи на Европското првенство (ЕП) до 21 година, постигнувајќи три гола, од кои еден на мечот со Германија во финалето (2-1). За најдобрата селекција на Шпанија одигра 26 натпревари и постигна три гола.
Олмо дебитира во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2018 година и одигра 124 меча за Динамо, постигнувајќи 34 гола, со 28 асистенции, играјќи на различни позиции во нападот. Негова омилена позиција е зад напаѓачот, каде што играше најмногу во Лајпциг, под водство на Јулијан Нагелсман. Во сезоната 2019/2020, тој одигра 12 меча во Бундес-лигата, лани 32, и помина повеќе минути (2.205) на теренот од кој било друг играч за врска на Лајпциг, притоа постигнувајќи пет погодоци и 10 асистенции. Она што го издвојува од другите се неговите извонредни технички вештини. Неговата контрола на топката е зачудувачка и речиси е невозможно да се игра против него во улога на дефанзивец. Олмо ја спојува способноста да ја испрати топката во голот, да бие од далечина, да асистира и да ја гради играта.