На 1 декември 1959 година легендарниот Шенкли ја презеде менаџерската функција и го прероди клубот од Мерсисајд

Шкотланѓанецот Бил Шенкли знаеше добро во што се впушта пред точно 60 години кога ја презеде работата како менаџер на фудбалскиот клуб Ливерпул, на 1 декември 1959 година, и ги разбра предизвиците што му претстоеја. ТВ Вилијамс, тогашниот претседател на клубот од „Енфилд“, го праша дали Шенкли би сакал да биде менаџер на најдобриот клуб во земјата. Одговорот беше типичен за Шенкли: „Зошто? Зар Мет Безби си заминува (од Манчестер јунајтед – н.з.)?“

Кога Шенкли го презеде Ливерпул, клубот се натпреваруваше во Втората лига на Англија. Но во следните 15 години го предводеше Ливерпул до три титули првак на Англија, ги освои првиот ФА-куп и првиот европски трофеј, Купот на УЕФА. Но освоените трофеи се само дел од приказната. Најголемото влијание на Шенкли беше метафизичко. Тој ја создаде идејата за Ливерпул, нешто што не постоеше пред неговото доаѓање на Мерсисајд, се вели во написот на „Индипендент“. Тој концепт уште опстојува во клубот. ПР-кампањата „Ова значи повеќе“ различно се толкува низ Англија поради чувството на ароганција и исклучителност, кое е во иста линија со идолизацијата на Коп (славната трибина) и на (само)посебноста на навивачите што им ја наметнуваше Шенкли.

Тоа не беше направено во афект. Процесот почна уште пред да му се даде работата во Ливерпул. Во 1953 година, кога беше менаџер на Гримсби таун, Шенкли му испратил писмо на дефанзивецот Џеф Твентимен кога тој потпишувал за Ливерпул. „Одите во веројатно најдобриот фудбалски клуб, со најдобрите навивачи на светот“. Речиси од самиот почеток Шенкли ја истакна важноста на навивачите. Тој зборуваше за Коп како за „впивање на топката во мрежата“ и направи гледачите да се чувствуваат како да се дел од натпреварот. Тој разбра колку многу им значат фудбалските клубови на луѓето од работничката класа. Како тинејџер тој работел како рудар во јамите на Ајршир и лекциите што ги научил таму му биле водилка во текот на целиот живот.

Шенкли не беше единствената причина што Коп стана најпознатата фудбалска трибина на светот. Успехот на Битлси го стави Мерсисајд во центарот на вниманието во 1964 година, кога Ливерпул ја освои првата шампионска титула под негово водство. Глобалниот интерес за родниот град на Битлси ги донесе камерите на Би-би-си на „Енфилд“ за да се види „новиот“ феномен, навивачи што пеат на трибините. Шенкли, како опортунист, ги искористи околностите за да го истакне тврдењето дека домашниот тим игра во „бастионот на непобедливост“. Тимот и трибината се комбинираа за да се заплашат противниците и Шенкли правеше сѐ за да им го всади тоа во главите на ривалските клубови. Таа традиција продолжи и во „европските ноќи“, што последниве години најдобро го почувствуваа Манчестер сити, Барселона и низа други тимови.

Другото трајно наследство на Шенкли, проблематично за некои, е отелотворено во неговиот најпознат цитат: „Социјализмот во кој верувам е дека сите работат едни за други, и оти секој добива дел во наградите. Тоа е начинот на кој го сфаќам фудбалот, начинот на кој го гледам животот“. Оваа изјава допре до нервот на регион што пред половина век и повеќе беше свртен „лево“. Го сакале или не, „социјализмот“ на Шенкли е цврсто вткаен во клубот што дури ни закоравените капиталисти не успеале да го скинат, пишува „Индипендент“. Синдикатот на навивачите формиран кон крајот на 2000-тите, за да им се спротивстави на тогашните газди Џорџ Џилет и Том Хикс, со добра причина го зеде името „Духот на Шенкли“, пишува весникот.

Шенкли е најзначајната икона во клупската историја. Најголемиот квалитет на Шенкли, кој во една пригода изјави дека „Ливерпул беше создаден за мене, а јас за Ливерпул“, беше генерирањето верба во себе, во тимот и во навивачите и таа способност останува да важи и понатаму, и по неговата смрт на 69-годишна возраст во 1981 година. Пред Коп е статуата на Шенкли со зборовите „тој ги направи луѓето среќни“. Пред секој натпревар луѓето доаѓаат за да му оддадат почит. Татковци што не биле родени кога почина Шенкли, ги носат своите деца да се фотографираат таму. Неговото име останува едно од најпрепознатливите во британскиот фудбал. Постои некаква речиси религиозна почит за човекот што поднесе оставка пред 45 години. Шенкли останува персонификација на Ливерпул. Тој е дел од фудбалската филозофија околу „Енфилд“. Тој е речиси натприродно присутен. Пред шест децении Шенкли знаеше во што влегува, но немаше поим што почнува. Неговото наследство е едно од најзначајните во фудбалот, пишува „Индипендент“.