Легендарниот шпански фудбалер, Давид Вилја (38) се прости од фудбалот со погодок на мечот меѓу јапонските тимови, неговиот Висел Кобе и Џубило Ивата.

Вилја, кој е најдобар стрелец во историјата на шпанската репрезентација, постигна гол од пенал во убедливата победа од 4-1 за својата екипа.

Хет-трик за Кобе постигна екс-германскиот репрезентативец, Лукас Подолски.

Вилја зад себе има богата фудбалска кариера. Зенитот го имаше во Валенсија каде на 219 меча постигна 129 гола, а одличен беше и во Барселона, каде на 119 меча постигна 48 гола, со 24 асистенции.

Шпанецот уште настапуваше и за Атлетико Мадрид, Сарагоса, Њујорк Сити, Мелбурн и Спортинг Хихон.

Во кариерата одигра 640 меча, а постигна 325 гола.

Во дресот на „фуријата“ постигна 59 гола, 15 повеќе од второпласираниот Раул.