Јулијан Нагелсман, Томас Тухел и Хан­си Флик

Тренерите на три од четирите тима полуфиналисти, на Баерн, Лајпциг и на ПСЖ, се Германци, Ханси Флик, Јулијан Нагелсман и Томас Тухел

Тренерот на Баерн, Ханси Флик, се надева на дуел против сонародниците Јулијан Нагелсман, тренерот на Лајпциг или против Томас Тухел, предводникот на Пари Сен Жермен во неделното финале во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон. Тројцата германски тренери првпат во кариерата се меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување.
Баерн ја „растури“ Барселона во четврт-финалето (8-2) и за место во финалето вечерва игра со француски Лион. За другиот финалист во синоќешниот дуел Лајпциг – ПСЖ решаваа колегите на Флик, Нагелсман и Тухел.
Доколку Баерн и Лајпциг ја минат полуфиналната рунда, тоа ќе биде првото германско финале во ЛШ по 2013 година, кога Баварците ја совладаа Борусија Дортмунд на стадионот „Вембли“ со 2-1, објави Асошиејтед прес (АП).
– Ова покажува дека произведуваме добри тренери. Два германски тима не стигнале толку далеку во ЛШ повеќе години – изјави за Скајспорт Италија, претседателот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.
Како по некоја случајност, тројцата, Нагелсман, Тухел и Флик, се свртеа кон тренерството, откако поради повреди мораа предвреме да ги завршат фудбалските кариери.

Повредата на коленото го принуди Нагелсман (33) да ја заврши играчката кариера на 21-годишна возраст, во 2008 година. Под водство на 46-годишниот Тухел, ПСЖ првпат по 1995 година се пласира меѓу најдобрите четири.
Флик (55), пак, кој има одиграно 100 меча во средниот ред на Баерн и четири пати ја освои титулата во Бундес-лигата во период помеѓу 1986 и 1990 година, одлично се снајде на клупата за нешто помалку од 10 месеци. Тој ги доби сите шест натпревари во ЛШ откако го замени Хрватот Нико Ковач кон крајот на 2019 година. Под водство на Флик, Баерн победи на последните 20 натпревари, а круна на таа успешна серија беше „демолирањето“ на Барселона.
Флик исто така му беше асистент на селекторот Јоаким Лев на Светското првенство (СП) 2014 во Бразил, кога Германија стана светски првак, а попатно, во полуфиналето го декласира домаќинот Бразил победувајќи го со 7-1!
Тој има шанса да освои три титули сезонава, откако триумфира во Бундес-лигата и во германскиот куп. Таков подвиг со Баерн има забележано само Јуп Хејнкес во 2013 година.

– Од лично искуство знам какво е чувството да се дојде до полуфиналето. Среќни сте кога сте меѓу најдобрите екипи во Европа – вели Флик.
Јирген Клоп го предводеше Ливерпул до две финалиња во ЛШ во низа (2018 и 2019), што значи дека трета сезона едноподруго во финалето ќе има најмалку еден германски тренер.
– Треба да бидеме среќни што неколку германски тренери се во најдобрите тимови во Европа. Тоа е добра работа – вели Нагелсман.
Тројцата тренери Германци во завршницата се потврда и за одличната работа на Здружението на германските фудбалски тренери (БДФЛ), чии напорни, но квалитетни курсеви постојано произведуваат врвни тренери.

– Секако дека не е случајно. Поточно, тоа е доказ дека обуката на тренерите во Германија е многу добра – истакнува претседателот на БДФЛ, Луц Хангартнер.
Нагелсман, најмладиот тренер во историјата што стигнал до полуфиналето во ЛШ, вели дека тројца германски тренери во полуфиналето не се нешто вообичаено, но и не се изненадување.
– Добро се сеќавам што беше напишано кога минатата сезона ниеден клуб од Бундес-лигата не стигна до четврт-финалето во ЛШ. Сега повторно сѐ е добро? Не е баш така. Не треба да се живее во крајности, но може да се ужива во моментов – истакнува Нагелсман.


Баерн фаворит против Лион

По вечерашниот дуел Баерн – Лион ќе биде познат вториот финалист во Лигата на шампионите (ЛШ) за недела, во Лисабон. Во минатата четвртфинална рунда Баерн ја елиминира Барселона, Лион беше подобар од Манчестер сити, а во осминафиналето и од Јувентус. Синоќа играа Лајпциг – ПСЖ.
Баерн и Лион пред 10 години се сретнаа во полуфиналето на ЛШ, а поуспешни беа Баварците (3-0 и 1-0), кои потоа во финалето загубија од Интер (0-2).

Баерн важи за фаворит, му се даваат поголеми шанси за триумф во овој, па и во финалниот меч. Баварците се во одлична, имаат фантастична серија од 20 победи во низа или 28 меча без пораз, со само едно реми (дадени 94 гола!). А го имаат и Роберт Левандовски, најдобриот стрелец во Европа сезонава со 54 гола.

Но Лион на минатите два меча покажа дека има добар тим и оти заслужува респект, а токму на тоа ги потсетува своите фудбалери тренерот на Баерн, Ханси Флик. Како главен квалитет на Лион се смета одбраната со трите централни дефанзивци и брзата транзиција, но од друга страна, според некои, тоа би можело и да му одговара на Баерн, кој игра висок пресинг.