ФУДБАЛ

Јоаким Лев ќе се повлече од функцијата фудбалски селектор на Германија по Европското првенство (ЕП) летово. Лев (61) е селектор на германската репрезентација од 2006 година, кога го замени Јирген Клинсман. Тој има договор со Германската фудбалска асоцијација до Светското првенство (СП) во 2022 година, но сака порано да се повлече. Репрезентациите на Македонија и на Германија се во иста група во квалификациите за СП 2022.
– Го преземам овој чекор многу свесно, полн со гордост и со огромна благодарност. Горд сум затоа што за мене е чест да бидам дел од репрезентацијата, но и среќен сум што можев да работам со најдобрите фудбалери во земјата и да им помогнам во нивниот развој – вели Лев.
По титулата на СП 2014, Лев ја предводеше Германија до полуфиналето на ЕП 2016 во кое беа победени од домаќинот Франција, а на СП 2018 не ја помина групната фаза.