Тој е најмладиот играч што постигнал повеќе од 20 првенствени голови за Фиорентина во една сезона, по Аргентинецот Габриел Батистута во 1990-тите и во раните 2000-ти. Во 2021 година, само двајца играчи во најдобрите пет европски лиги, двоецот од Бундес-лигата, Роберт Левандовски (37) и Ерлинг Холанд (26), постигнале повеќе голови од Влаховиќ (25)

ФУДБАЛ

Душан Влаховиќ (21), напаѓачот на Фиорентина и на репрезентацијата на Србија, есенва е топ-тема во медиумите и на големо се шпекулира дека во јануари ќе се пресели во англиската фудбалска Премиер-лига или во друга силна лига, пишува „Би-би-си“.
Кој е Влаховиќ и зошто многу врвни клубови во Европа сакаат да го ангажираат? Тој е роден во Белград, каде што ја почнал професионална кариера, во Партизан. Тој е најмладиот дебитант во клупската историја, на возраст од 16 години и 24 дена. Потоа станал и најмлад стрелец, преземајќи му го приматот на Лука Јовиќ, кој сега игра за Реал Мадрид. Оттогаш почнаа гласините за преселба во Англија, но наместо тоа, тој на 18 години, во сезоната 2018/2019, замина во италијанска Фиорентина. Од него се очекуваше многу, и покрај неговата возраст, но одигра само неколку сениорски меча во првата сезона, без да постигне гол. Во сезоната 2019/2020 беше стандарден, постигна шест гола на 30 дуела и покажа дека има потенцијал. Ланската сезона остави одличен впечаток, поттикнат од довербата на тренерот Чезаре Прандели, кој се врати во клубот во ноември 2020 година, но во март поднесе оставка. По само еден гол на првите 10 средби, Влаховиќ „експлодира“ кон крајот на декември, постигнувајќи 28 гола на 39 меча. Тој е најмладиот играч што постигнал повеќе од 20 првенствени гола за Фиорентина во една сезона, по Аргентинецот Габриел Батистута во 1990-тите и во раните 2000-ти. Во 2021 година, само двајца играчи во најдобрите пет европски лиги, двоецот од Бундес-лигата, Роберт Левандовски (37 гола) и Ерлинг Холанд (26), постигнале повеќе голови од Влаховиќ (25). Меѓу оние што постигнале 20 гола во календарската година, Влаховиќ е еден од тројцата на возраст под 25 години, покрај Холанд и Килијан Мбапе.
Тој вели дека поранешниот селектор на Италија имал големо влијание врз неговата кариера.
– Нему му должам сѐ. Тој ми даде простор и самодоверба во моменти што беа комплицирани за мене. По смирувањето на ковид-19, тој пристигнуваше два часа порано на тренинг. Ме натера да разберам што значи да се биде шампион теренот на и надвор од него – вели Влаховиќ.

Влаховиќ е висок 1,9 метар, физички е силен, не е многу брз, но има фин допир и врвна техника за да ја заштити топката, со чувство за добро позиционирање што го прави ноќна мора за секој одбранбен играч. Сезонава тој беше фаулиран повеќе од кој било друг играч во Серија А, а само тројца напаѓачи имаат добиено повеќе воздушни дуели од него.
– Тој се движи многу, но во шеснаесетникот може да ги оттурне дефанзивците, да ја задржи топката, да повлече двајца одбранбени играчи заедно со себе и да постигне гол. И, многу е млад – вели италијанскиот фудбалски новинар Даниеле Вери за „Би-би-си“.
Можеби неговиот најимпресивен квалитет е она што ретко се среќава кај толку млад играч и кој добро ќе му послужи ако се пресели во елитен клуб. „Тој е под притисок од публиката, но и на клубот откако се дозна дека нема да го продолжи договорот. Но и понатаму постигнува голови. Тоа за мене е показател за ментална сила што е потребна за да се биде врвен професионалец – вели Вери.