Без оглед на обидите на меѓународната заедница овој договор да го претстави како пример за решавање на отворените прашања, во суштина се покажа дека спогодбата од Нивици само ги закомплицира состојбите исклучиво за македонската страна, внесувајќи дополнителни поделби во самото општество и почнувајќи процес на суптилно креирање на еден целосно нов идентитет на македонскиот народ

Замислен како порта за ЕУ, Преспанскиот договор се претвора во културоцид и етноцид врз Македонците

Полемиките во врска со Преспанската спогодба не стивнуваат ниту по три и пол години од нејзиното потпишување, што само потврдува дека станува збор за документ во кој се манипулира со меѓународното право и повелбите на Обединетите нации.
Без оглед на обидите на меѓународната заедница овој договор да го претстави како пример за решавање на отворените прашања, во суштина се покажа дека спогодбата од Нивици само ги закомплицира состојбите исклучиво за македонската страна, внесувајќи дополнителни поделби во самото општество и почнувајќи процес на суптилно креирање на еден целосно нов идентитет на македонскиот народ.
Токму затоа ниту една земја од соседството што има отворени прашања, а е по капацитет послаба и е надвор од Унијата, не се осмелува да влезе во нивно решавање користејќи го модусот на Преспа, бидејќи знае дека со таков асиметричен договор се урнисува државниот суверенитет и се девалвира меѓународното право, што подоцна може да произведе разни последици на штета на некоја од потписничките на таквиот договор.
На Македонија токму тоа ѝ се случи со договорот од Нивици, ѝ беше оспорен државноправниот идентитет, а ОН сето тоа го дозволија и практично ги погазија постулатите од сопствената повелба.

Државноправниот идентитет не може да се оспори од никого

Битката за докажување на нелегитимноста на Преспанскиот договор уште од неговото потпишување непрекинато ја води универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев, за кого и натаму единствена опција за спас од самоуништувањето кон кое оди Македонија наметнато однадвор е раскинување на договорот од Нивици.
– Преспанскиот договор е геноциден акт, прв во историјата на меѓународното право што ѝ наметнува име на една суверена држава и нација. Единствено решение е еднострано раскинување, сега и веднаш – порачува Јанев.
Професорот своите тези за потребата за раскинување на договорот ги темели врз две основи, првата дека државноправниот идентитет не може да се оспори како суверен идентитет и втората со пречекорувањето на надлежностите од страна на ОН, кои, според Јанев, не смееле да ја примат Македонија ако таа не била суверена држава.
– Со Преспанскиот договор за промена на идентитетот на нацијата се извршени културоцид и етноцид врз еден народ, на кој му е ускратено правото на национален идентитет, самоопределување на истиот тој (суверен идентитет) и правото на самоидентификација. Со ова се прекршени повеќе норми од Повелбата на Обединетите нации и другите меѓународни конвенции (особено оние што се однесуваат на правниот субјективитет на ООН и членките на ОН), како и основните императивни правни норми за самоопределување, самоидентификација и правна еднаквост на сите членки на ОН, како и немешање во строгата внатрешна јурисдикција. Покрај кршењето на државните права (особено правата на поседување и избор на државноправниот идентитет), прекршени се и основните колективни човекови права што се однесуваат на културоцид и етноцид – истакнува Јанев.
Тој оваа проблематика пошироко ја разработува во својата најнова книга „Договорот од Преспа и неговите ефекти врз македонското право на национален идентитет – Акт на етногеноцидно поништување на националниот идентитет“, во која го истражува правниот карактер и последиците на Преспанскиот договор, ги елаборира и можните начини на раскинување на тој договор, а се осврнува и на судската заштита што треба да ја преземе земјава при евентуално раскинување на договорот.
– Договорот од Преспа ја прекршува основната јус когенс норма во однос на самоопределувањето на сопствениот идентитет на луѓето и правното име на државата. Овој договор со неговите очигледни ограничувања поврзани со самоопределувањето на сопствениот идентитет на луѓето, вклучувајќи го и културниот идентитет, содржи одредби што дури и навлегуваат до прекршување на дефиницијата на етноцидот и културниот геноцид. Конечно, нашата политичка анализа покажа дека Договорот од Преспа има реални ефекти врз територијалниот интегритет што претставуваат сериозна закана за опстанокот на Македонија како држава и нација – предупредува професорот Јанев.

ООН ја погази сопствената повелба

За него проблематичен е и самиот прием на земјава во ОН, бидејќи токму Светската организација ги погазила своите основни постулати.
– Потврдено е дека дополнителните услови наметнати на Македонија за нејзиниот прием во Обединетите нации претставува недвосмислено прекршување на членовите 2(1), 2(7) и 4(1) од Повелбата на Обединетите нации и определуваат дискриминаторски правен статус на државата како членка (повторно со прекршување на членот 2(1) т.е. суверената еднаквост). Карактерот на овие прекршувања се од типот ultra vires со почитување на правните норми на Повелбата на Обединетите нации како мултилатерален договор. На прекршувањата на членовите 2(1) 2(7) и 4(1) ги вклучуваат правните личности и на Обединетите нации и македонската држава – истакнува Јанев.
Професорот по меѓународно право земајќи ги предвид сите правни алатки предвидени токму со меѓународното право, бидејќи ништо од ветеното за Македонија не се оствари, останува на својот цврст став дека единствен спас за државата е еднострано раскинување на Преспанскиот договор.
– Раскинувањето на Договорот од Преспа е единственото решение за проблемот и на крајот советодавната јурисдикција на Меѓународниот суд на правдата обезбедува адекватна рамка за правно решавање на проблемот – заклучува професорот Јанев.