Повеќе од 40 проценти анкетирани во истражување во Англија размислуваат да се откажат од гледањето фудбал во живо поради влијанието на ВАР, голем процент се незадоволни поради губењето на спонтаната радост при постигнатите голови, а повеќето анкетирани сметаат дека одлуките за ВАР обично не се донесуваат во разумен временски период

ФУДБАЛ

Истражување во Англија открива дека 95 отсто од навивачите што имаат искуство со технологијата видеоасистент-судија (ВАР) на стадионите, односно 94 проценти при гледањето мечеви на ТВ, велат дека тоа „помагало“ гледањето на натпреварите им го направило понепријатно. Голем процент од нив, 95 отсто, се незадоволни поради губењето на спонтаната радост при постигнатите голови, пренесува „Скај спорт“. Истражувањето на Асоцијацијата на фудбалски навивачи (АФН) во кое биле опфатени 33.000 луѓе покажува дека повеќе од 40 проценти размислуваат да се откажат од гледањето фудбал во живо поради влијанието на ВАР. Се покажало и оти многумина од анкетираните сметаат дека одлуките за ВАР обично не се донесуваат во разумен временски период.
Меѓу испитаниците, 39 проценти имале сезонски билети за мечевите во Премиер-лигата пред пандемијата на ковид-19 да ги затвори стадионите. Тие изјавиле дека веројатно во иднина сѐ помалку ќе одат на натпревари поради влијанието на ВАР. Од „редовните“ навивачи, 44 отсто изјавиле дека ќе присуствуваат на помалку мечеви. Само четири проценти од анкетираните рекле дека ВАР има позитивно влијание врз тимот за кој навиваат, а 78 проценти сметаат дека имал негативен ефект. Од Премиер-лигата велат дека просечното доцнење поради ВАР е 50 секунди по меч, а просечното време потребно за преглед на спорната ситуација 70 секунди.

Нивната статистика покажува дека сезонава што неодамна заврши имало 129 прегледи со помош на ВАР (просечно по еден на 2,9 натпревари), додека просечното време што судијата го поминал пред екранот за преглед на снимката и за донесување на конечната одлука е 26 секунди. Од Премиер-лигата велат и дека точноста на одлуките е зголемена од 85 проценти пред ВАР, на 97 проценти со воведувањето на овој систем. Навивачите, сепак, не се целосно против употребата на технологијата, 97 отсто од анкетираните сметаат дека технологијата за гол-линијата е добра за играта. АФН сака соработка со „моќните играчи“ и со донесувачите на правилата во фудбалската игра заради позитивни промени при употребата на ВАР.
– Истражувањето покажа дека 43 отсто од навивачите веројатно нема да продолжат да гледаат фудбал во живо ако ВАР продолжи во сегашниот облик.

Мислам дека тоа е опомена за ТВ-компаниите и за Премиер-лигата, кои треба да сфатат дека голем број навивачи сметаат дека ова е проблем и оти веројатно ќе престанат да го гледаат нивниот производ – вели Стив Молдс од АФН.
Фудбалските законодавци веќе се состанале со АФН и им го пренеле ставот зошто ВАР е добар за фудбалот. Но навивачите сметаат дека е потребно огромно подобрување во начинот на користење на ВАР. Речиси 60 отсто од анкетираните се согласни дека судиите треба да најдат време појасно да ги објаснат одлуките. Поранешниот судија, сега главен за имплементација на ВАР во Премиер-лигата, Нил Сварбрик се согласува дека подобрената комуникација би била од корист.
– Но нашите раце се врзани, протоколите ги надгледуваат ФИФА и ИФАБ и мора да работиме на тие протоколи. ВАР е „работа во тек“ и сите повратни информации се добредојдени за да се придвижат работите напред. Не сакаме да им кажеме на навивачите „навикнете се“, сакаме да работиме заедно со нив, со клубовите и со играчите и да стигнеме до точка каде што сите ќе бидат навистина задоволни, како што е во другите спортови – вели Сварбрик.


Попев: Апсолутно не се согласувам со ВАР-технологијата

Не дека сум бил фудбалски судија и сакам да ја бранам фудбалската фела, но јас, освен правилото дали топката ја поминала гол-линија, со другото апсолутно не се согласувам кога е во прашање технологијата ВАР. Прво се губи многу време, со што се убива темпото на игра. На еден меч има обично по 5-6 ситуации за ВАР, а за секоја од нив се губат по две минути, што значи вкупно 12 минути. Сметам дека ако сум јас од настанот на теренот оддалечен 7-8 метри, ВАР не може подобро од мене да го воочи тоа, оти многупати и телевизијата давала поинаква слика отколку кога си на теренот. Од колегијалност би ја прифатил сугестијата на ВАР да погледнам, ама, сепак, главната одлука, јас ќе ја донесам. Очигледно е дека ВАР ја иритира публиката, предизвикува тензија и кај играчите, многумина и по ВАР се бунат, се забавува темпото на игра и слично, вели поранешниот истакнат македонски и меѓународен фудбалски судија Гоце Попев. Г.И.


Михајлов: Не треба толку да се гледа во детали

Кај технологијата ми се допаѓа таа за тоа дали топката ја поминала гол-линијата. Точно е дека со ВАР може да се видат многу работи што со голо око не можат, но, сепак, целосно земено, негативно влијае врз самиот натпревар. Тука мислам на фактот што многу фудбалери ќе постигнат гол, па се во исчекување дали тој ќе биде признаен, што ги иритира нив, но и публиката. Сметам дека ВАР многу навлезе во самата игра и многу влијае и врз самата психологија на играчите, а се изгуби убавината на натпреварот. Сметам дека не треба толку да се гледа во детали дали некој е во офсајд, туку ако е само очигледен офсајд да се досуди, а не за секоја дреболија да има прекин, вели македонскиот тренер Горазд Михајлов. Г.И.