Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трите клуба во вториот дел од сезонава ќе се тркаат за трофеите што им недостигаат, за комплетирање на најголемите три европски пехари, кои досега ги освоија Баерн, Ајакс, Манчестер јунајтед, Јувентус и Челси

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Барселона по многу години не ја помина групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), но сезоната ќе ја продолжи во Лига Европа (ЛЕ), натпреварување порано со име Куп на УЕФА. Со тоа, Барселона од февруари ќе игра за трофејот што ѝ недостига во витрините и за влез во елитното друштво клубови што ги освоиле најголемите три клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА). За истиот успех сезонава ќе играат и Атлетико Мадрид во ЛШ и Борусија Дортмунд во ЛЕ.
Барселона досега пет пати беше европски првак и има четири трофеи од некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), но ниту еден во ЛЕ (натпреварување што почна да се игра во 1971 година како Куп на УЕФА). Во ЛЕ сезонава продолжува да игра и Борусија (Д), која по еднаш беше европски првак и славеше во КПК. Атлетико Мадрид, пак, досега трипати го освои трофејот во ЛЕ и еднаш во КПК, а сезонава е во трка за прв триумф во ЛШ.
Трите најголеми европски пехари (ЛШ или некогашниот Куп на шампионите, потоа КПК и Лига Европа или порано Купот на УЕФА) досега ги освоија Баерн (шест во ЛШ, по еден во КПК и во ЛЕ), Ајакс (4-1-1), Манчестер јунајтед (3-1-1), Јувентус (2-1-3) и Челси (2-2-2).