Роналдо стигна до бројката од 770 гола на официјалните натпревари во кариерата, три повеќе од Пеле
Кристијано Роналдо (36) постигна хет-трик на првенствениот меч во Серија А, Калјари – Јувентус, 1-3, и стигна до бројката од 770 гола во кариерата на клупски и на репрезентативен план. Со тоа тој го мина бразилскиот фудбалски великан Пеле, кој е втор на листата на најдобри стрелци на сите времиња со 767 гола, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Нема играч на светот што не е воспитуван да слуша приказни за игрите на Пеле, за неговите голови и достигнувања, па така и јас не сум исклучок. Поради тоа, радосен сум и горд што се искачив на врвот на светската голгетерска листа, надминувајќи го рекордот на Пеле, нешто за што можев само да сонувам додека растев како дете од Мадеира – напиша Роналдо во долгата објава на Инстаграм.
Пеле, трикратниот светски првак во 1958, 1962 и 1970 година, официјално има постигнато 767 гола во кариерата, иако тврди дека постигнал над 1.000, вклучувајќи ги и оние на неофицијалните натпревари. Пеле беше меѓу првите што му честиташе на Роналдо за надминувањето на неговиот рекорд.
– Многу ти се восхитувам, сакам да те гледам како играш, тоа не е никаква тајна. Честитки за соборувањето на мојот рекорд. Единствено жалам што не успеав да те прегрнам денеска. Но ја ставам оваа фотографија во твоја чест, со голем наклон, како симбол на пријателството што постои многу години – стои во објавата на Пеле на Инстаграм.
Поранешниот бразилски напаѓач Ромарио исто така тврди дека постигнал над 1.000 гола во кариерата. Некои извори го ставаат Чехот/Австриец Јозеф Бичан пред сите на листата на најдобри стрелци на сите времиња. Фудбалската репрезентација на Чешка тврди дека Бичан на официјалните натпревари постигнал 821 гол.
Во меѓувреме, податоците од Фондацијата за статистика покажуваат дека Бичан постигнал 805 гола во кариерата меѓу кои се вбројуваат и 27-те за резервните и аматерските тимови на Рапид Виена, како и головите на неофицијалните меѓународни натпревари. Не сметајќи ги нив, Бичан во кариерата постигнал 759 гола, помалку од Роналдо и од Пеле.