Ни требаат дисциплина и агресија, максимален пристап. Поквалитетни сме од нив, но треба да го покажеме тоа на терен, вели Бобан Николов, играчот од средниот ред, пред мечот в петок на гости кај Лихтенштајн, во квалификациите за СП 2022
Најдобрите македонски фудбалери ги завршија мини-подготовките во Скопје пред денешното заминување за Вадуц, на мечот со Лихтенштајн, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во Катар. Во македонската селекција се свесни дека се фаворити на хартија, но и оти мора да се одигра максимално ангажирано за да се постигне посакуваната победа.
– Ни требаат дисциплина и агресија, максимален пристап. Натпреварот со Лихтенштајн треба да го сфатиме како да играме против Германија, потребен ни е целосен фокус. Поквалитетни сме од нив, но треба да го покажеме тоа на терен. Потребна ни е победа за поголема самодоверба во оваа репрезентација. Секој селектор има свои идеи, ние добро го знаеме Благоја Милевски, има свој стил на работа, секогаш оди докрај, имавме добри три натпревари, се надевам дека сега ќе ја крунисаме добрата игра со победа – вели за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија, играчот од средниот ред, Бобан Николов, кој настапува за молдавскиот Шериф, најпријатното изненадување во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава.
Македонија ремизира на претходните три меча, минатиот месец.
– Секој натпревар сам по себе е тежок. Треба да го дадеме максимумот за да оствариме добар резултат против Лихтенштајн. Кога играте за репрезентација и ја претставувате државата постои притисок, но секој фудбалер се носи со тоа и треба да има. Мечот со Лихтенштајн е еден од најважните натпревари и се подготвуваме за тоа – вели младиот напаѓач Милан Ристовски (23), фудбалер на Спартак Трнава.