Рецензија

(Влада Урошевиќ: „Viola arsenica. Белешки за поезијата“ – „Готен“, Скопје, 2021)

Еве една сјајна, исклучителна книга, од оној сој книги што ретко се јавуваат не само во националните книжевности туку и ретко доаѓаат во библиотеката на секој естетски и книжевен сладокусец: приближно два-три пати во животот. Влада Урошевиќ, поет овенчан со светски признанија и награди (меѓу кои и од врвни академии за поезија), искусен поетозналец, есеист и прозаист, ни остава навидум „патемен“ знак за своето поетско искуство, со сосема скромен поднаслов: „Белешки за поезијата“. Насловот, пак, упатува на ендемско цвеќе, арсеничка темјанушка, која расте во околината на нашиот рудник Алшар, а која има отровни својства. Алузијата на „Цвеќињата на злото“, епицентарот на модерната поезија, е „провната“, сосема во духот на овој фантаст и homo ludens, на сосема невидлив начин – уште во насловот.
Влада Урошевиќ е европска константа на македонската поезија, и тоа е повеќепати констатирано. Преку него македонската книжевност уште од шеесеттите години на минатиот век е во постојан дослух со светските книжевни вредности. Кажано е дека е поет од светски калибар престорен во таен прозаист, а овој преправен во уште поскришен есеист во библиотеката на Борхес, татко на македонскиот фантастичен расказ, сомнабулен херменевтичар на еден секогаш нов град, кој наместо бетонска арматура има нишки од потсвеста, одличен познавач на романтизмот, симболизмот, авангардата, дада, надреализмот, футуризмот, автоматското пишување… Тој е, едноставно кажано, и лепословец и лепословозналец. И затоа може да напише капитална книга за суштината на поезијата, а да ја поднаслови само со „белешки“. Но тоа не се белешки. Иако се тоа кратки текстови, речиси на работ од дневнички записи, тие се компримирани енциклопедии. За поезијата.

Во една таква белешка од дваесетина реда (а се таложеле тие и такви „белешки“ низ шест децении, секојдневно, капка по капка), јас ја препознав комплетно компримирана („зипувана“ како што велат младите од информатичкиот свет) книгата „Мимологии“ (Пат во Кратилија) на Жерар Женет, капитално дело не само на француската поетологија туку и дело без кое нема влез во тајните на поезијата воопшто. Во друга таква „белешка“ ја препознав неодминливата книга на хрватската поетологија „Јазичен знак, говорен знак, поетски знак“ на Бранко Вулетиќ, книга во која поетскиот знак, поради својата иконичност, се споредува мултимедијално дури и со стрипот. И во Viola arsenica е слично: на поезијата се гледа како на потенцијалитет за означување што постои во повеќе медиуми (на крајот ни е понуден и еден инспиративен „фотоесеј“, кој за мене е фотопоема). Viola arsenica гледа на поезијата како на примордијално магиско означување, кога уште се верувало дека зборот „пес“ може да касне (досетка на Жерар Женет). Така, поезијата за Урошевиќ е праматерија на сите семиотички дизајни на кои човековите суштества им придаваат естетски предзнак. Од друга страна, поезијата се набљудува и како отпор во една филозофска, а не само во идеолошка смисла, иако и за таа идеолошка ориентираност на поетскиот текст се зборува во рамките на естетскиот отпор кон клишето, кон сето она што ги убива слободата, играта, човековата љубопитност. А без нив нема човек.
Значи: не мамете се дека тоа се белешки. Читајќи ги нив, вие добивате поетолошки сингуларитети (компримирани теоретски вселени, во големина во која била собрана сета материја пред „големиот бенг“, колку главче на шпенадла).

Добивате капки сладок отров во највисока есенција од Viola arsenica, од цвеќето на злото и убавината, а не сте свесни за тоа, како и за фактот дека ако некој во неколку реда ви дава екстракт од книги со илјадници страници, тогаш тој го зголемува астрономски не само вашиот поетски сензибилитет туку и оној имунитет потребен за пружање на оној отпор што му е должност не само на поетот, туку и на секој човек.
Како се пружа таков поетски отпор? Па, со обесмислување на зборовите и придавање нова смисла. Поетот е во таа смисла маг: тој користи други, „тајни“, „погрешни“ зборови за повторно точно да ги означи сите нешта. Се разбира, упростувам, за потребите на една новинска рецензија; во суштина, овде на еден сосема научен (а целосно белетризиран начин) се поставува централното прашање на поетското означување: звук и(ли) смисла? Кога поезијата е репресирана, таа се свртува кон звукот, за да ги избегне стереотипите на значењето, закостенетоста и тиранијата на зборовите што станале „лажни“, па служат само за ласкање, неискреност и правење кариера во општеството. Летризмот, надреализмот, автоматското пишување, дада, дури и заматените значења на симболизмот се сведоштва за тој отпор на поезијата: таа пружа отпор преку играта со смислата. А ако општеството со своите стереотипи нешто не поднесува, тогаш тоа е – играта, за која Роже Кајоа напиша капитална книга под наслов „Игрите и луѓето“, а која исто така ќе ја најдете „зипувана“ во белешките на Урошевиќ. Кога ќе избега во целосна игра, поезијата станува опасна за општеството и неговите стереотипи, обесмислени протоколи, празни ритуали и церемонијали. Зашто, кога Кристијан Моргенштерн ќе испее ваква строфа: Кроклофавзи? Семемеми! / Сејокронтро – прафрипло / Бифзи, бафзи, хулалеми: / касти, басти, бо… / Лалу лалу лалу лалу ла!, станува јасно дека таа поезија станува говор на субверзивната обнова, говор што не им одговара на идеологиите.

Тие сакаат стабилно и разбирливо значење, сакаат статус кво, за да го одржат владеењето. Поезијата тогаш се враќа во својата предлогичка, речиси магиска фаза, кога се верувало дека зборот има моќ да менува; и веројатно и менувал, затоа што се верувало во тоа. Имал моќ и да лекува и да разболува, да биде бела или црна магија, а магијата отсекогаш била прогонувана. Дури, била прогласувана за лудило и интернирана. (Убеден сум дека во овие белешки ја најдов „зипувана“ и книгата „Магија и шизофренија“ на Геза Рохајм.) Со тоа, поезијата станува општествено неконтролиран говор: таа не може да урне поредок, но може да урне смисла и да понуди нова. А човекот е суштество што не може без смисла ни еден миг, и затоа општествата, пред да понудат леб и вода, секогаш прво мора да понудат смисла.
Сјајна е оваа книга, возбудлива. Не само затоа што и не е книга туку цела „зипувана“ библиотека (како што на микрочип со димензии 1 х 1 см може да се стави целата Вашингтонска библиотека) туку и затоа што може да се чита од секаде. Таа има безброј почетоци и безброј краеви (еден од идеалите на борхесовците во нарацијата): каде и да ја отворите, таа и почнува и завршува. Имате впечаток дека стоите, а се движите со брзина на светлината низ поетските галаксии. Освен тоа, Viola arsenica може да ја чита дури и оној што не е познавач на поезијата. Таква е оваа книга, затоа што секогаш за тема на „белешката“ се зема детаљ, некоја навидум неважна подробност околу поезијата, а потоа во тој детаљ се огледува целината: сета вселена се гледа во едно поетско зрно. Таа мистична филозофија на холизмот ѝ дава на книгата една универзална димензија и го засилува оптимизмот дека можеме да разбереме. Дека не е сѐ загубено. И дека од поезијата не треба да се плаши обичниот човек. Дека таа, иако изгледа како тајна шифра достапна само на жреците и поетите, на пророците и мудреците, е сепак наменета за секого. За од него да направи дете што се игра, а не немтур што само мудрува.

Книгава е напишана за да ви каже дека поезијата, и кога ви е неразбирлива, со самото тоа што не ја разбирате – ја исполнила својата цел. Ви ја пуштила фантазијата на слобода, ја извлекла од занданите на сите јазични и означителски поредоци, ја разуздила. Еве само еден пример за таа „читливост“ на поезијата, дури и кога не ја разбирате. Урошевиќ го цитира Конески, од огледот „Одломки“. Конески се сеќава дека како десетгодишно дете ја добил првата лектира – две книги на подарок, од кои едната била поезија. Кажува уште дека ги читал со „голем занес“, иако главно не ги разбирал! Како е можно тоа? Еве што вели Конески: „Од песните паметам само еден стих што го изговарав и дури го пеев во себе вака: ,Несреќ-нога Едгар-Поа’. Сум го повторувал безброј пати тој стих и тој предизвикувал во мене силно емоционално раздвижување. Тоа што не ги разбирав зборовите ,Едгар-Поа’ го засилуваше со магијата на заумност тоа воздејство што сигурно беше важно за моето вклучување во духот на поезијата. Интензитетот спласна тогаш кога дојде времето да разберам кој бил и што претставувал Едгар По.“
Ете, тоа за крај. Книгата на Урошевиќ, и преку вакви наводи потврдува: сѐ додека поезијата, дури и кога е неразбирлива, предизвикува магиска заумност, „силно емоционално раздвижување“ и кај обичниот човек, таа постои. Постои и човекот. А од неодамна постои и оваа чудесна книга, која покажува дека не само што суштината на поезијата може да ја разбере секој туку дека и науката може да говори со јазикот на чудесното, ако ѝ се препушти на играта. Така нѐ учи аристократот на естетската игра Влада Урошевиќ.