ЕП 2020 ќе се игра во Англија, Германија, Шпанија, Италија, Романија, Азербејџан, Холандија, Данска, Русија, Унгарија, Шкотска и во Р. Ирска. Ниту една од овие репрезентации нема обезбедено директен пласман на ЕП 2020, но секоја што ќе се пласира ќе игра два меча на свој терен
Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година, чии квалификации почнуваат в четврток, ќе биде второто на кое ќе настапат 24 фудбалски репрезентации (тоа првпат се случи на континенталното првенство во 2016 година во Франција), но ќе биде првото што ќе се игра во повеќе од две земји. Домаќини на јубилејното континентално првенство, со кое се слават 60 години од првиот шампионат во 1960 година, ќе бидат 12 града од 12 земји.
Фудбалските репрезентации на Европското првенство в година ќе играат во Англија (Лондон), Германија (Минхен), Шпанија (Билбао), Италија (Рим), Романија (Букурешт), Азербејџан (Баку), Холандија (Амстердам), Данска (Копенхаген), Русија (Санкт Петербург), Унгарија (Будимпешта), Шкотска (Глазгов) и во Република Ирска (Даблин). Претходно мечеви од европските шампионати се играле во Рим (1968 и 1980 година), Минхен (1988), Лондон (1996) и во Амстердам (2000). Полуфиналињата и финалето е предвидено да се играат на стадионот „Вембли“ (капацитет 90.000 места) во Лондон. Финалето во главниот град на Велика Британија на Европското првенство во 1996 година се играше на стариот стадион „Вембли“.
На ЕП 2020 ќе се пласираат по двете првопласирани во секоја од десетте квалификациски групи. Преостанатите четири места се за победниците на четирите финалиња од Лигата на нациите. Во Лигата Д загарантиран настап во полуфиналето има Македонија, ако не се пласира на ЕП низ овие квалификации.
Ниту една репрезентација од 12-те земји нема обезбедено директен пласман на ЕП 2020, но секоја што ќе се пласира ќе игра два меча на свој терен. Секој град ќе биде домаќин на по три натпревари од групната фаза и на барем еден натпревар од осминафиналето или од четврт-финалето. Во Лондон, пак, ќе се играат седум средби (три од групната фаза, едно осминафинале, двете полуфиналиња и финалето).
На првите пет ЕП, од 1960 до 1976 година играа по четири репрезентации. Од 1980 до 1992 година настапуваа по осум национални тима, од 1996 до 2012 година по 16, а од ЕП 2016 на завршниот турнир играат 24 селекции. Најмногу титули, по три, имаат Германија (1972, 1980, 1996) и Шпанија (1964, 2008, 2012), две има Франција (1984, 2000), а по една СССР (1960), Италија (1968), Чехословачка (1976), Холандија (1988), Данска (1992), Грција (2004) и Португалија (2016). Како домаќини титули освојувале Шпанија, Италија и Франција, а финале на свој терен загубиле Португалија и Франција.