Американката досега оствари 82 победи во Светскиот скијачки куп, четири помалку од славниот Швеѓанец

Американската скијачка Линдзи Вон (33) најави повлекување од скијањето по завршувањето на идната сезона. Таа е олимписка шампионка и има две злата од светските првенства, но сезонава ќе се обиде да влезе во историјата на светското скијање со најмногу победи во Светскиот куп.
Засега во водство е славниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк (62), со 86 победи во 70-тите и во 80-тите години од минатиот век. Вон досега има 82 триумфа во Светскиот куп. Таа е специјалистка за брзите дисциплини, спуст и супервелеслалом, во кои има 71 триумф (43 во спуст и 28 во супервелеслалом). Вон има и четири победи во трки од Светскиот куп во велеслалом, две во слалом и пет во комбинација.

Стенмарк скијаше во времето кога немаше супервелеслалом, но тој, секако, беше специјалист за техничките дисциплини во кои ги оствари сите свои победи, и тоа 46 во велеслалом и 40 во слалом.

За да стане најуспешна на Вон ѝ се потребни уште пет победи, бидејќи со ист број победи Стенмарк би бил поуспешен во некои категории, оти, на пример, има 155 пласмани меѓу најдобрите тројца во една трка, а Вон има 137 искачувања на подиумот.

Кај жените на второто место е Австријката Анемари Мозер-Прел, со 62 триумфи во Светскиот куп од 70-тите и 80-тите години од минатиот век во време кога не постоеше трка во супервелеслалом. Таа победи 36 во спуста, 16 пати славеше во велеслалом, трипати во слалом и има уште седум победи во комбинација.

Кај мажите, зад водечкиот Стенмарк е најдобриот скијач на денешницата, Австриецот Марсел Хиршер, со 58 победи во Светскиот куп (една во супервелеслалом, 28 во велеслалом, 27 во слалом и две во паралелслалом).
Неодамна Стенмарк изјави дека не верува оти само Вон ќе го надмине неговиот рекорд, туку очекува тоа да го направи и Хиршер.