Здрава храна

Квалитетната исхрана е исклучително важна за одржување на здравјето на организмот. Некои намирници можат да бидат особено корисни. Многу истражувања покажаа дека сулфорафанот, кој се наоѓа во брокулата, карфиолот, кељот и зелката, може да ги уништи клетките на ракот. Така, јадењето брокула неколку пати неделно го намалува ризикот од рак на простата, дојка, бели дробови, кожа и желудник. Спанаќот е извор на лутеин и зеаксантин, два каротеноиди за кои е докажано дека го намалуваат ризикот од рак на дојка. Богат е и со фолна киселина, која ја зајакнува ДНК, и витамин Б, кој е неопходен за трудниците.
Важно е да се спомене и гравот бидејќи не содржи нездрави масти. Тоа е една од причините зошто една голема студија објавена во „Џама интернешнл медицин“ покажа дека луѓето што јадат грав најмалку четири пати неделно имаат 22 отсто помал ризик од срцеви заболувања од оние што го јаделе поретко. Јаболката се клучни за одржување на кардиоваскуларното здравје. Тие ги штитат крвните садови и го намалуваат крвниот притисок. Американското здружение за срце наведува дека флавоноидот кверцетин, кој исто така се наоѓа во јаболката, е антихипертензивен. Боровинките содржат антиоксиданси наречени флавоноиди и антоцијани. Тие имаат способност да намалат секаков вид воспаление. Пред две години во списанието „Адвансес ин нутришн“ беше напишано дека боровинките позитивно влијаат на здравјето на крвните садови, регулирањето на нивото на шеќер и на рамнотежата на цревната флора.