Техно

Компанијата ДЈИ претстави ново беспилотно летало наречено „Авата“, за кое вели дека обезбедува крајно извонредно искуство за љубителите на ФПВ (First-person view) или лет во прво лице. Беспилотното летало се спојува со очилата „гоглс 2“ и со контролорот за движење на ДЈИ и нуди речиси вонтелесно искуство. Овој дрон може да се користи и со постојниот ФПВ далечински управувач 2 и очилата ФПВ „гоглс В2“ на ДЈИ.
„Авата“ се напојува од батерија со капацитет од 2.420 милиампер-часа, што е доволно за 18 минути лет, а дронот тежи вкупно 410 грама. Доаѓа со интегрирани штитници за пропелер, за да биде што е можно побезбеден во затворен простор, додека неговата ултраширока камера со видно поле од 155 степени има ЦМОС-сензор од 1/1,7 инчи и може да снима 4К видео со 60 фпс, како и 2,7 К видео со 50/60/70/120 фпс.
„Авата“ може да лебди како стандарден дрон, да забрзува како тркачки и брзо да помине низ тесни простори, притоа да застане во „дел од секунда“. Ако слета наопаку, новиот „тртл моуд“ му овозможува да се сврти и повторно да полета.
Кога станува збор за режими, постојат три, и тоа нормален, рачен и спортски. Во нормален режим, „Авата“ се однесува слично како и другите дронови на ДЈИ, лебди во место, користејќи сателитска навигација или системи за визуелно позиционирање. Рачниот режим е достапен само кога се користи далечинскиот управувач ФПВ 2 на ДЈИ и обезбедува целосна неограничена контрола за да се добие извонредно искуство со ФПВ-летање, а корисникот има можност да ги приспособи параметрите според своите преференции.