Нега и убавина
Грубите и испукани петици и задебелувањето на стапалата се нешто што никој не го сака, но за да го поправите тоа не треба секогаш да одите кај козметичар. Доволно е сами да ја направите оваа волшебна смеса. Сѐ што ви треба се млеко и сода бикарбона. Целиот процес е исклучително лесен и секој може да ја направи оваа бања за стапала. Оваа комбинација дејствува добро бидејќи двете состојки се дополнуваат една со друга. Млекото е богато со млечна киселина, која ја омекнува кожата, а содата има абразивни својства благодарение на кои се отстранува сувата и груба кожа. Најдобро е барем еднаш неделно да ги натопите стапалата во оваа смеса.
Постапка: Загрејте го млекото и истурете го во голем леѓен, во кој можете удобно да ги сместите стапалата. Потопете ги стапалата во млекото пет минути и потоа додајте сода бикарбона. Соединете ги млекото и содата така што нежно ќе ги движите нозете. Посебно внимавајте на деловите од стапалата каде што кожата е потврда и погруба. Доколку е потребно, со рацете нежно масирајте ги проблематичните делови на стапалата. Кога ќе завршите со чистењето на стапалата, оставете ги во леѓенот уште пет минути. На крајот исплакнете ги темелно стапалата со топла вода.