Автор: Д-р Ханифе Хасани, pсихијатар во ОБ „Ферид Мурад“, Гостивар
Тик-растројствата се ненадејни, брзи, неволни, бесцелни, повторувачки, неритмички мускулни контракции (на ограничени мускулни групи) или гласовни продукции (вокализации).
Епидемиологија
Почесто се јавуваат кај машките деца, меѓу 6 и 8-годишна возраст во инциденца од 5% меѓу детската популација.
Етиопатогенеза
Етиопатогенезата на растројствата не е доволно позната, меѓутоа голема улога играат одредени предиспозитивни фактори:
-семејна анамнеза
-егзогени психотрауми
-индивидуални психолошки карактеристики
-анксиозност
Тиковите можат да бидат:
Едноставни
– Едноставните моторни тикови опфаќаат ограничени мускулни групи и се јавуваат во вид на трепкање, мижуркање, подигање на усниот агол, отворање на устата, поткренување на веѓите, ненадејни движења на вратот, спуштање или подигање на рамениците и гримирање со лицето.
– Едноставните гласовни тикови се во вид на нагло испуштање на некој неартикулиран глас кој личи на кучешко лаење, поткашлување, шмркање и на шушкање.
Сложени
-Сложените моторни тикови опфаќаат поголема мускулна група или повеќе мускулни групи и најчесто се во вид на удирање, потскокнување и скокање.
– Сложените гласовни тикови вклучуваат повторување на некои зборови, а напати и повторување на некои социјално-етички неприфатливи и срамни зборови, како и повторување на сопствените зборови.
Класификација
Тиковите се делат на транзиторни, хронични и Tourette синдром:
1.Транзитоен тик
Се карактеризира со постоење на еден или повеќе моторички и (или) вокални тикови кој се јавуваат повеќе пати дневно, најмалку 4 недели, но не повеќе од 12 месеци. Се јавуваат во вид на мижуркање, гримирање или нагли движења со главата.
2. Хроничен моторен или гласовен тик
Се карактеризира со гласовни или моторни општи тикови кои можат да бидат единечни или мултипни и траат повеќе од една година.
3.Комбиниран гласовен и многукратен моторен тик (Syndrome Gilles de la Tourette).
Се карактеризира со мултипни моторни тикови или со еден или повеќе гласовни тикови, иако моторните и гласовните тикови не мораат да се јавуваат истовремено.
Се мисли дека Туретовото растројство е наследна болест.
Се јавува најчесто во детството, но не по 18 години.
Моторните тикови обично ја зафаќаат главата и другите делови на телото, како што се градите, екстремитетите. Гласовните тикови се во вид на гласовна експлозија, проследена со поткашлување, гровтање и со гестикулации и гласови кои можат да бидат и непристојни.
Терапија на тик-растројствата
Лекувањето на тик-растројствата е разновидно и тоа вклучува фармакотерапија, бихејвиор-когнитивна терапија, психотерапија, едукативни интервенции (психоедукација) и семејна терапија.