Фото: Илустрација/Пиксабеј

Автор: Асс. д-р Саветка Паљошковска Јорданова, Универзитетска клиника за кардиологија – Скопје

Болеста на каротидните артерии се јавува кога масните плаки (наслаги) ги стеснуваат крвните садови кои ги снабдуваат со крв мозокот и главата (каротидни артерии). Болеста на каротидните артерии се развива бавно. Првиот знак дека ја имате оваа состојба може да биде мозочен удар или минлив исхемичен напад (ТИА). ТИА е привремен недостаток на проток на крв во вашиот мозок.

Каротидната артериска болест е атеросклеротична болест на каротидните артерии. Истата е причина за исхемичен мозочен удар, која пак е со смртност од 10% до 20%. Знаејќи дека 50% од причините за исхемичен мозочен удар произлегуваат од емболија или како последица од тромбозирани екстракраниални сегменти на каротидните и вертебралните артерии, потребен е скрининг за каротидна артериска болест со Ехо колор доплер сонографија.

Праксата од голем број пациенти покажува дека висок процент на пациенти со атеросклероза на каротидните артерии, не транзиторен исхемичен напад (ТИА), кои предупредуваат на болеста за долго време се асимптоматски, а завршуваат со мозочен удар.

Ризик фактори

Фактори кои го зголемуваат ризикот од заболување на каротидните артерии вклучуваат:

Артериска хипертензија (висок крвен притисок) – Високиот крвен притисок прави оштетување на ѕидовите на артериите, односно ги прави по ослаби и ги прави поранливи на оштетување.

Тутунопушење: Никотинот ја иритира слузницата на артериите, го зголемува пулсот и крвниот притисок.

Дијабетес: Дијабетесот го убрзува процесот на атеросклероза, а со тоа ризикот од артериска болест е поголем.

Хиперлипиденија (покачени масти во крв): Високите нивоа на липопротеински холестерол со ниска густина и високите нивоа на триглицериди, масти во крвта, го зголемуваат ризикот од атеросклероза.

Фамилијарна историја: Ризикот од заболување на каротидните артерии е поголем ако во фамилија има атеросклероза или коронарна артериска болест.

Возраст: Артериите стануваат помалку флексибилни и по крути со возраста.

Дебелината: Прекумерната телесна тежина го зголемува ризикот за висок крвен притисок, атеросклероза и дијабетес.

Намалена физичка активност: Предизвикува висок крвен притисок, дијабетес и дебелина.

Кога да се побара медицинска помош?

Побарајте итна помош ако имате какви било знаци или симптоми на мозочен удар. Дури и ако тие траат само кратко, а потоа се чувствувате нормално, веднаш посетете лекар. Можеби сте доживеале ТИА (транзиторна исхемична атака) , важен знак дека сте изложени на ризик од мозочен удар.

Каротиден дуплекс – екстракранијален каротиден ултразвук

Претставува стандардна неинвазивна метода за проценка и детекција на каротидна артериска болест кај пациенти со ризик од мозочен удар и кај пациенти со ризик фактори кои можат да доведат до каротидно заболување или прогресија на истата. Каротидниот дуплекс овозможува локализација на болеста во екстракранијалните каротидни артерии како и на вертебралните артерии.

Општо познати индикации за каротиден ултразвук  Асимптоматски цервикални шумови, транзиторни исхемични атаки, ретинални дефицити, мозочен удар, губиток на свест.

Во кардиологијата како индикации се користат:

  • Скрининг на пациенти упатени за кардиохируршка или васкуларна интервенција
  • Постоперативна проценка на каротидна ендартеректомија и после каротидно стентирање
  • Евалуација на пациенти со позната каротидна болест
  • Пациенти со најмалку два фактори на ризик од појавата на коронарна болест
  • Пулсативна маса во вратот, траума на вратот, васкулитис кои ги инволвира екстракранијалните артерии.

Дијагнозата може да продолжи со:

Освен ултразвук за да се процени протокот на крв и протокот во каротидните артерии, дополнително во дијагнозата по назнака на лекар може да се направи компјутерска томографија (КТ) скен или магнетна резинанца (МР) на каротидните артерии.

Третман

Целта на лекувањето на болеста на каротидните артерии е превенција од мозочен удар.
Специфичниот третман зависи од степенот на стеноза (запушување) на каротидните артерии.

Ако стенозата е од мал до умерен степен, се препорачува: менување начинот на живот за да се забави прогресијата на атеросклероза, односно модификација на стил на живот, медикаментозен третман на артерискиот крвниот притисок, хиперлипидемија, дијабетес.

Ако стенозата е од тежок степен без или ако веќе сте имале ТИА или мозочен удар, покрај медикаментозниот третман по препорака од лекар се препорачува интервентна процедура во специјализирана болница, која вклучува:

• Каротидно стентирање – имплатирање на стент на место на стенозата од искусни интервентни кардиолози

• Каротидна ендартеректомијa – оперативен третман на каротидната артерија