Медицински совет
Една од најчестите препораки деновиве е да не излегуваме без потреба во најтоплиот дел од денот. Меѓутоа, тоа не значи дека треба да престанеме со рекреацијата. Стручњаците советуваат како да продолжите со трчање и во овие тропски температури. Мора да се обрне внимание на тоа каде ќе трчате и во колку часот. Задолжително мора да земете вода за рехидратација и барем во овие топли денови да го забавите темпото.
Според истражувањето на американскиот експерт Џеф Годеј, доколку температурата на воздухот е поголема за 10 степени од нормалата, трчањето треба да биде побавно за 30 секунди. Се препорачува доколку се трча 30-40 минути, да се испие двапати по половина литар вода и да се избегнува трчање на асфалт, туку тоа да се прави во парк и на други зелени површини, најдобро порано претпладне или навечер. Освен температурата, и влажноста на воздухот го лимитира трчањето. Нашето тело се лади преку потење, па затоа треба да носиме и соодветна лесна облека. И, внимавајте, во текот на трчањето не треба да ви се слоши, па да престанете. Ако чувствувате дека грлото ви е суво и не можете да голтате, тоа значи дека веќе сте дехидрирале.
Симптоми на топлотен удар се вртоглавица, чешање на лицето, студена пот, забрзан пулс и општа слабост, но, секако, не треба да дозволите да дојде до тоа. Застанувајте почесто и пијте вода и веднаш престанете да трчате ако почувствувате еден од овие симптоми.